Американскиот државен секретар Марко Рубио упати апел за поголема соработка меѓу земјите членки на Г20 на состанокот на министрите за надворешни работи на групата во Атланта, истакнувајќи дека економските и геополитичките кризи ги загрозуваат глобалната трговија, снабдувањето со енергија и храна, како и слободата на пловидбата.
– Г20 мора да работи заедно за да се соочи со овие закани. Предизвикот што го имаме, предизвиците на кои им се посветивме за време на претседателството на претседателот Доналд Трамп, се повеќестрани и меѓусебно поврзани, а такви мора да бидат и решенијата – рече Рубио во говорот на почетокот на денешниот состанок на водечките индустриски земји и економии во развој.
Сепак, како што јави ДПА, има малку знаци за поголема соработка, бидејќи состанокот почна со очигледно игнорирање на Москва: неколку дипломати одбија да се фотографираат заедно со Лавров, поради што САД го откажаа традиционалното групно фотографирање на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20.
– Во овој момент, претпоставувам дека „семејна фотографија“ воопшто нема да има – изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул непосредно пред собирот.
Поради револтот на Западот околу војната на Кремљ во Украина, „нема да има семејна фотографија на која се прикажани нашите европски партнери заедно со господинот Лавров“, рече Вадефул. „Нема нормалност со Русија. Мораме тука на маса да ги размениме нашите спротивставени ставови“, додаде тој.
– Ете зошто дискусијата е важна. Но, исто така, мора да избегнеме испраќање лажни визуелни сигнали – рече Вадефул во врска со откажаното фотографирање.
Германскиот министер уште еднаш се заложи за дипломатско решение за конфликтот со Иран и за крај на блокадата на Ормуската Теснина, која е од витално значење за глобалното снабдување со енергија.































