Фото: МИА

Одлуките што се носат денес во енергетиката ќе влијаат врз економскиот развој, отпорноста на глобалните кризи и можностите за идните генерации, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која денеска официјално го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго Технома 2026“.

Според Божиновска, енергетиката не е само производство и снабдување со електрична енергија, туку и важен фактор за економската конкурентност, енергетската безбедност, технолошкиот развој и квалитетот на животот.

– Остануваме посветени на создавање стабилна и предвидлива регулаторна рамка, поттикнување инвестиции и развој на енергетски сектор што ќе одговори на потребите на граѓаните, стопанството и процесот на европска интеграција – рече министерката.

Таа нагласи дека енергетската транзиција треба да биде правична и одржлива, да ја зајакнува конкурентноста на економијата и да отвора нови можности за домашните компании и работниците.

Како што посочи, успехот во енергетиката не треба да се оценува само според бројот на реализирани проекти и инсталирани капацитети, туку и според тоа дали се создава посигурен енергетски систем, поконкурентна индустрија, поефикасно користење на ресурсите и повеќе можности за младите.

Божиновска ја истакна и важноста на иновациите, дигиталните технологии, автоматизацијата и вештачката интелигенција во унапредувањето на енергетските системи и индустриските процеси.

– Иновациите се начин да одговориме на предизвиците што ги имаме денес – како да произведуваме повеќе со помалку ресурси, да ја намалиме потрошувачката на енергија, да ги оптимизираме процесите и да создадеме поодржлива индустрија – истакна таа.

Според министерката, вистинската вредност на технологијата се покажува кога знаењето ќе се претвори во конкретни решенија што придонесуваат за поефикасно работење на компаниите, подобри услуги, нови инвестиции и повисок квалитет на живот.

Таа нагласи дека за остварување на овие цели е неопходно поврзување на образованието, науката, индустријата и институциите, бидејќи стратегиите и инвестициите не можат да ги дадат посакуваните резултати без квалификувани кадри и нови идеи.

Осврнувајќи се на саемот, Божиновска изрази очекување дека годинашното издание ќе донесе нови идеи, контакти и партнерства што ќе продолжат да се развиваат и по неговото завршување.

Покрај „Енерго Технома 2026“, денеска во „Т Арената“ во Скопје беше отворен и саемот „Реал Експо 2026“. На отворањето се обратија и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и директорката на Скопски саем, Даниела Глигоровска.

Под мотото „Вклучи одржливи навики“, двата саема ќе траат до 31 октомври и ќе обединат компании, институции, експерти, инвеститори и млади иноватори. Програмата е посветена на новите технологии, енергетиката, одржливиот развој и недвижностите.

На изложбена површина од над 2.500 квадратни метри, посетителите ќе можат да се запознаат со решенија од областа на роботиката, автоматизацијата, обновливите извори на енергија, циркуларната економија и дигиталната трансформација.

Покрај изложбениот дел, програмата предвидува стручни презентации, панел-дискусии, промоции на производи и услуги, деловни средби и можности за вмрежување. На отворањето присуствуваа претставници на академската и научната заедница, бизнис-секторот и институциите, како и граѓани и гости.