Професионалните војници кои навршуваат 45 години ќе можат да го продолжат работниот ангажман во Министерството за одбрана и по завршувањето на воениот дел од кариерата. Денеска во Министерството за одбрана (МО) беа потпишани договори за вработување на неопределено време со војници чиј работен статус ќе се трансформира во цивилни лица во Армијата, информираа од Министерството.
Од МО посочуваат дека оваа можност произлегува од реформата со која професионалните војници добиваат дополнителна опција за продолжување на работниот однос, наместо да ја напуштат службата со испратнина.
– Војниците кои денеска ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време претходно планираа да заминат со финансиски надомест. Наместо тоа, по навршувањето на 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до пензионирањето – наведуваат од МО.

Според Министерството, реформата е резултат на соработката со синдикалните здруженија и Генералштабот и има за цел да ја намали неизвесноста со која професионалните војници се соочувале по завршувањето на активната воена служба.
Од МО додаваат дека и понатаму остануваат достапни досегашните законски можности – исплатата на испратнина во висина од две просечни плати во државата за секоја година помината во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт. Војниците ќе можат да изберат која од предвидените опции најмногу им одговара.
Од Министерството за одбрана и Генералштабот оценуваат дека професионалните војници располагаат со искуство и обука стекнати во текот на долгогодишната служба, кои можат да продолжат да придонесуваат во работата на Армијата и по навршувањето на 45 години.
– Професионалните војници се еден од столбовите на нашата безбедност и ова е вистинскиот начин државата да им се оддолжи за нивниот придонес – истакнуваат од МО.































