Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази уверување дека наскоро ќе биде постигнато решение за студентскиот оброк. Таа најави дека разговорите со студентските претставници продолжуваат, а за денеска е предвидена и средба со премиерот и студентите, пренесе МИА.
Јаневска информираше дека веќе разговарала со претставници на студентските собранија од неколку универзитети, при што било отворено прашањето за студентскиот оброк. Според неа, постојат одредени разлики во информираноста на новото раководство на студентските собранија во однос на претходните договори со студентите, но таа смета дека страните се блиску до решение.
-Апсолутно сум сигурна дека ќе најдеме решение – изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката потврди дека студентите побарале зголемување на средствата за оброк, но појасни дека со претходното раководство било договорено да се прошири опсегот на корисници, наместо да се зголеми износот на субвенцијата. Според неа, договореното проширување веќе е реализирано, а актуелните студентски претставници имаат ново барање за кое допрва ќе се разговара.
Како едно од предложените решенија, Јаневска го посочи ваучерскиот систем, сличен на оној што се применува во Словенија, а кој претходно бил побаран од студентските претставници.
Со овој модел, студентите би можеле да ја користат субвенцијата кај одобрени даватели на храна, како сендвичарници, пекари и ресторани. Целта е средствата да бидат наменети за оброк, во согласност со законската намена на субвенцијата, а не за други производи или потреби.
Јаневска посочи и дека студентите сместени во студентските домови веќе добиваат храна, па во нивниот случај постои двојно субвенционирање. Сепак, нагласи дека Министерството е подготвено да продолжи со разговорите за да се најде решение што ќе одговори на потребите на студентите.
Во однос на барањата за бесплатен јавен и меѓуградски превоз, министерката појасни дека јавниот превоз не е во надлежност на Министерството за образование и наука, туку на други институции и локалната самоуправа.
За меѓуградскиот превоз, таа рече дека во моментов не постои законска можност за исполнување на барањето, но оти прашањето може да се разгледува во иднина, во соработка со студентите.
-Откако ќе го решиме студентскиот оброк, ќе поразговараме и за тоа – истакна Јаневска.































