Францускиот баснописец Жан де Лафонтен уште во 17 век, во својата позната басна „Волкот и јагнето“, опишал како посилниот секогаш ќе најде причина да му ја наметне својата волја на послабиот. Имено, за оние што не ја знаат или ја подзаборавиле, тоа е приказна во која волкот го обвинил јагнето дека му ја мати водата од потокот, иако јагнето пиело подолу од него. Кога јагнето се обидело да му објасни дека тоа е невозможно, волкот нашол нова причина за кавга. Не било важно што е вистина, туку кој е посилен и кој ги поставува правилата. На крајот, јагнето сфатило дека не е проблемот во водата, туку во намерите на волкот.
И по повеќе од три века, се чини дека поуката од оваа басна сè уште има свое место во европската дипломатија. Особено кога токму Франција, земјата на Лафонтен, денес нуди да посредува во македонско-бугарскиот спор, откако нејзиниот предлог од 2022 година стана дел од причините за сегашниот застој на Македонија во евроинтеграциите. Само што сега волкот, откако помогнал да се постават правилата по кои јагнето мора да игра, одеднаш се нуди да му помогне да излезе од неволјата. И како човек да не се запраша дали помошта навистина ќе го спаси јагнето или само ќе го убеди дека мора да ја прифати судбината што му ја намениле?
Токму такво прашање се наметнува по неодамнешната изјава на францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер дека Франција е подготвена да го олесни дијалогот меѓу Скопје и Софија доколку за тоа се согласат двете страни. Онака на прво слушање, убав дипломатски гест, но кога ќе се потсетиме кој го скрои таканаречениот француски предлог, тогаш целата понуда добива поинаква смисла. Сега да бараме од Франција да нè извлече од блокадата во која и самата имаше клучна улога, малку личи на тоа да молиме милост од џелатот што стои покрај гилотината држејќи го јажето. Иронијата е уште поголема ако се знае дека токму Франција ја прослави гилотината како симбол на својата револуционерна правда. И додека некогаш со неа се сечеле глави, денес, се разбира во политичка смисла, се сечат надежите на цели народи. Можеби звучи грубо, но прашање е што ново може да ни понуди Париз, ако токму неговиот предлог овозможи бугарските билатерални барања да станат дел од европската преговарачка рамка.
Францускиот предлог во 2022 година беше претставен како решение што ќе го отвори европскиот пат на Македонија. Четири години подоцна, Македонија повторно е пред истата рампа. Официјална Софија нема причина да биде незадоволна од постојната рамка, а Македонија бара гаранции дека по уставните измени нема да следуваат нови условувања. И сега, Франција повторно се појавува со понуда да помогне. Прашањето е кому и во што ќе му помогне? Дали ќе ја убедува Бугарија да покаже поголема подготвеност за компромис или повторно ќе ја убедува Македонија дека нема друг пат освен да го исполни веќе поставениот услов?
Бугарија и претходно покажуваше резервираност кон посредување, инсистирајќи дека договореното треба да се спроведе. Ако Софија смета дека веќе го добила она што го барала, тогаш зошто би седнувала на маса за да преговара повторно? И што останува за француската дипломатија освен уште еднаш да ни објаснува дека ние мора да го смениме Уставот?
Дополнително, треба да се погледне и политичката состојба во самата Франција. Емануел Макрон, под чие претседателство беше изработен францускиот предлог, се приближува кон крајот на својот мандат. Франција се соочува со политички поделби, социјални незадоволства и протести, а неговиот простор за политичко дејствување е далеку посложен отколку пред четири години. Се разбира дека Макрон и натаму има значајни надлежности во надворешната политика, но прашање е колку политичка тежина е подготвен да вложи во решавањето на македонско-бугарскиот спор. И што е уште поважно, каква вредност би имале евентуалните француски ветувања ако по претседателските избори во 2027 година во Париз дојде нова политичка гарнитура?
Македонија веќе има доволно искуство со европски ветувања, дипломатски компромиси и решенија што на хартија изгледаат како излез, а во практиката отвораат нови прашања. Затоа, наместо уште еден посредник што ќе ни кажува што треба да направиме, потребни се јасни и проверливи гаранции дека исполнувањето на договорените услови нема да биде проследено со нови билатерални блокади.
Франција, ако навистина сака да помогне, има можност да покаже дека европската дипломатија знае не само да поставува услови туку и да обезбедува правична и предвидлива рамка за нивно исполнување. Но ако нејзината понуда се сведува само на повторување на францускиот предлог, тогаш тешко дека од таквото посредување може да се очекува суштински пресврт.
И затоа повторно се враќаме на басната од почетокот. Јагнето можело до бескрај да објаснува дека не ја мати водата, но проблемот никогаш не бил во неговите аргументи. Проблемот бил во тоа што волкот однапред одлучил како ќе заврши приказната. А Македонија, по три и пол децении чекање пред европските порти, има право да праша дали новото француско посредување ќе ги промени правилата на играта или само ќе ѝ помогне полесно да ги прифати старите. Но што е уште поважно, конечно да сфати дека не може постојано да дозволува други да ѝ ја матат водата, а потоа токму од нив да очекува да ја разбистрат. Зашто, државниот и националниот дигнитет не е нешто со кое треба да се тргува при секое ново дипломатско посредување, туку вредност што се брани со јасни принципи, цврсти позиции и доследност. Македонија треба да покаже дека е подготвена за дијалог и компромис, но не и за бескрајно прифаќање нови условувања.
На крајот на краиштата, и басната на Лафонтен нè учи дека јагнето нема да ја докаже својата невиност колку и да се правда пред волкот. Но една работа не смееме да забораваме, а тоа е дека Македонија не е јагне, туку суверена држава, и токму затоа треба да знае кога да престане да се правда и кога цврсто да застане зад сопственото достоинство.































