Шеснаесетгодишен Американец кој се борел за Исламска држава (ИД) бил заробен во близина на градот Хаџин, во источна Сирија, минатиот месец, од Сириските демократски сили кои ја преземаа контролата врз градот од страна на исламистите, пренесува „Њујорк тајмс“.
Доколку се докаже оти тинејџерот е државјанин на САД, тој ќе биде првиот американски малолетник што е заробен борејќи се на страната на озлогласената терористичка организација во странство.
Неговото приведување уследи по апсењето на наставникот Ворен Кристофер Кларк (34) од американската сојузна држава Тексас, во истата област, кое беше објавено во неделата. Тие се меѓу петте американски државјани кои досега се заробени на првата линија на фронтот против ИД, според базата на податоци на универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
Властите во САД проценуваат дека 295 Американци се приклучиле или се обиделе да се приклучат на милитантни групи во Сирија и во Ирак, додека базата на податоци на „Џорџ Вашингтон“ идентификувала 55 Американци кои се приклучиле на ИД.
Младото момче заробено во близина на Хаџин, не е првиот Американец што е пронајден на територија контролирана од ИД. Петнаесетгодишно девојче од Канзас било примено назад во САД, откако се вратило во Сирија, каде што било приморано на брак со борец на ИД, од страна на нејзиниот татко. Таа била трудна кога била пронајдена.
Неколку тинејџери, пак, биле уапсени додека се обидувале да изведат терористички напади во САД, во име на ИД.