Во Македонија за првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост. Информацијата ја соопшти Министерството за здравство, оценувајќи го случајот како значаен медицински успех.
По спроведените медицински испитувања била потврдена компатибилноста меѓу донорот и примателот, а мајката била оценета како соодветен жив дарител. Нејзината одлука му дава нова шанса за живот на детето и претставува важен чекор во третманот на пациенти со ретки генетски заболувања.
– Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот – изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Пред неколку дена, Клековски ги посетил и пациентите на кои им била извршена трансплантација на бубрег на Универзитетската клиника за урологија. Кај двајца од нив бил трансплантиран бубрег од починат дарител, додека кај третиот органот бил дониран од жив дарител.
Со овие три интервенции, бројот на трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија од почетокот на годината достигнал 15. За споредба, во текот на целата 2025 година биле извршени вкупно 11 трансплантации, информираат од Министерството за здравство.
Од Министерството појаснуваат дека Алпортовиот синдром е наследна болест што го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да предизвика бубрежна слабост и потреба од дијализа. Случајот покажува дека со навремена дијагностика, детална медицинска процена и соодветна подготовка, трансплантацијата може да биде опција и за пациенти со ретки генетски заболувања.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството за довербата и согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до медицинскиот тим кој бил вклучен во сложената интервенција.































