Локално примирје меѓу Русија и Украина стапи во сила денеска со цел да се овозможи спроведување хуманитарна операција во Олешки, град под руска контрола. Информацијата ја потврдија двете завојувани страни во одделни соопштенија.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека од 4 часот наутро, по московско време, го прекинало гранатирањето во правец на Херсон за да се создадат услови за хуманитарната операција во Олешки, кој се наоѓа на спротивниот брег на реката Дњепар.
Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец, исто така, потврди дека украинската страна го почитува примирјето од истиот термин, објавувајќи ја информацијата на Фејсбук.
Олешки се наоѓа на левиот брег на реката Дњепар, наспроти Херсон, град под контрола на украинските сили.
Според информациите што ги објави Асошиејтед прес, околу 2.000 луѓе се заглавени во Олешки без пристап до храна и лекови. Нивното напуштање на градот е отежнато поради поставените мини и нападите со беспилотни летала во областа.
Белата куќа минатата недела соопшти дека првата дама на САД, Меланија Трамп, помогнала во постигнувањето договор за локално примирје во Олешки, со цел да се овозможи доставување хуманитарна помош.


































