Фото:Принтскрин/Информер/Икс

Група граѓани вечерва влегоа во зградата на српската телевизија „Информер“ во Белград и ја прекинаа програмата што се емитуваше во живо. Сопственикот и главен уредник на телевизијата, Драган Ј. Вучичевиќ, како и дел од вработените, го напуштиле студиото, пренесе МИА.

Претходно, Дијана Хрка, мајка на младиот човек кој загина при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, ги повикала граѓаните да се соберат пред зградата на „Информер“, каде што тие извесно време стоеле пред влезот.

Во тој момент, во емисијата „Колегијум“, која се емитувала во живо, Вучичевиќ ги повикал полицијата и итните служби да испратат возило за евакуација на вработените. Според информациите, полицијата се наоѓала во близина на зградата, но засега не интервенирала.

Вучичевиќ во текот на емисијата го повикал и Илија Срдановиќ, носителот на „Студентската листа“, да ја повлече толпата пред телевизијата. Срдановиќ одговорил дека треба да ја провери информацијата.

Во меѓувреме, била повикана и итна медицинска помош, откако една вработена во „Информер“ добила епилептичен напад.

Околу 18.40 часот, неколку десетици граѓани влегле во зградата, барајќи од Вучичевиќ да му се извини на, како што рекле, „слободниот српски народ“ за начинот на кој телевизијата известувала за изборите, како и за настаните во Србија во изминатите две години, вклучително и протестите на студентите и незадоволните граѓани.

Иако од студиото продолжил да се емитува сигналот, од редакцијата во тој момент немало слика ниту звук.

По расправијата со Вучичевиќ и другите вработени, граѓаните ја напуштиле зградата и повторно се собрале во дворот на објектот.