Франција се соочува со зголемени финансиски ризици, додека протестите поради трошоците за живот, платите и состојбата во образованието се надоврзуваат на буџетските проблеми и политичката неизвесност пред претседателските избори следната пролет.
Втората најголема економија во Европската Унија се соочува со растечки јавен долг, висок буџетски дефицит и слаб економски раст. Во меѓувреме, инвеститорите бараат повисоки приноси од француските државни обврзници, се наведува во анализата на „Политико“.
Поранешниот француски премиер Мишел Барние предупреди дека земјата е „на работ на финансиска криза“ и дека властите мора да испратат јасен сигнал до финансиските пазари.
По два викенда протести, на кои стотици илјади луѓе побараа повисоки плати за наставниците, реновирање на дотраените училишта и мерки за ублажување на растечките трошоци за живот, властите успеаја да спречат немири и грабежи од обемот забележан за време на демонстрациите на 17 и 18 октомври. Сепак, протестите дополнително ја зголемуваат загриженоста на инвеститорите.
Јавниот долг и буџетскиот дефицит под притисок
Францускиот јавен долг изнесува околу 3,5 трилиони евра, а владата се соочува со тешкотии во намалувањето на буџетскиот дефицит, поттикнувањето на економскиот раст и реформата на пензискиот систем.
Предлог-буџетот за 2027 година на премиерот Себастијан Лекорни предвидува заштеди од 43 милијарди евра, што остава мал простор за дополнителни кратења на расходите.
Притисокот врз јавните финансии веќе се одразува на пазарот на државни обврзници. Разликата меѓу приносите на десетгодишните француски и германски државни обврзници достигна 169 базични поени на затворањето на пазарот во петокот. Претходниот ден, приносот на референтните француски десетгодишни обврзници достигнал 5,14 проценти, највисоко ниво од 2002 година, според податоците наведени во анализата.
Повисоките приноси значат дека Франција мора да им понуди поголем принос на инвеститорите за да позајмува средства, што може да ги зголеми трошоците за сервисирање на долгот.
Монти предупредува на можност за брзо влошување
Поранешниот италијански премиер Марио Монти, кој за време на должничката криза во 2011 година спроведе мерки за штедење и реформи во пензискиот систем, предупреди дека ситуацијата може брзо да се влоши.
Во тој период, разликата меѓу приносите на италијанските и германските десетгодишни државни обврзници за неколку месеци се зголемила од околу 150 на повеќе од 500 базични поени.
Монти смета дека француските гласачи сè уште не се доволно свесни за ризиците од криза на суверениот долг, додека политичката неизвесност дополнително влијае врз финансиските пазари.
Политичката неизвесност ги загрижува инвеститорите
Изгледите за втор круг на претседателските избори меѓу кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен и лидерот на крајната левица Жан-Лук Меланшон, според анализата, предизвикуваат загриженост кај инвеститорите. Двајцата политичари се залагаат за зголемување на јавните расходи и намалување на возраста за пензионирање.
На незадоволството во земјата укажуваат и резултатите од анкети наведени во анализата. Според една анкета објавена минатиот месец, девет од десет Французи се песимистични за иднината и сметаат дека нивните деца ќе живеат полошо од нив.
Друга, паневропска анкета објавена претходно годинава покажала дека само половина од француските испитаници се гордеат со својот демократски систем. За споредба, таков став изразиле околу две третини од Германците и речиси 70 проценти од Британците.
Дополнителен предизвик за Франција е нејзиниот кредибилитет во рамките на Европската Унија. Земјата се обврза да го намали буџетскиот дефицит на три проценти од бруто-домашниот производ до 2029 година, но соговорниците на „Политико“ оценуваат дека постигнувањето на оваа цел ќе биде тешко.
Комбинацијата од висок јавен долг, ограничен простор за дополнителни буџетски заштеди, социјално незадоволство и политичка неизвесност ја става Франција под засилен притисок од финансиските пазари.


































