Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Стопанската комора на Македонија одржа презентација на тема „Електронски услуги за бизнисот“, на средба со претседателот на Комората, Бранко Азески, и претставници на бизнис-заедницата.
Во фокусот беа можностите за приклучување на компаниите на Националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk, услугите што најчесто ги користат и можностите за поддршка за инвестиции. Министерот ги претстави и партнерските проекти што им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација.
– Денеска во Стопанската комора разговараме за дигиталната трансформација на бизнис-секторот и можностите што ги нуди порталот uslugi.gov.mk, но и нашите партнерски проекти преку ИНО-ФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, кои нудат анализа на состојбите и тестирање пред инвестирање за сите компании од приватниот сектор – истакна Андоновски во изјавата за медиумите.
Министерот нагласи дека директниот дијалог со компаниите е важен за да се утврдат нивните потреби и да се преземат конкретни чекори за надминување на предизвиците во дигитализацијата.
– Се надевам дека приватниот сектор ќе ја искористи можноста. Истовремено, и ние имаме можност да ги слушнеме предизвиците со кои се соочуваат компаниите во Македонија, потребите што ги имаат и што е она што треба заедно да го направиме за да ги постигнеме потребните резултати – посочи Андоновски.
Како конкретен чекор од соработката, министерот најави формирање заедничка работна група со Стопанската комора.
„Со претседателот на Стопанската комора и неговиот тим донесовме одлука да создадеме една работна група која технички ќе работи на решавање на предизвиците на бизнис-секторот што се однесуваат на дигитализацијата“, изјави Андоновски.
Претставниците на бизнис-заедницата ги споделија своите искуства, забелешки и предлози за користењето на електронските услуги и изразија благодарност за соработката и институционалната поддршка. Во дискусијата беа разгледани можностите за унапредување на услугите и поедноставување на административните постапки, со цел компаниите да трошат помалку време на шалтери, а повеќе да се посветат на своето работење и развој.
Министерот Андоновски утринава учествуваше и на панел-дискусија на ИНОФЕИТ ЕДИХ, посветена на поддршката за дигитална трансформација на компаниите, каде што ја потврди определбата на Владата за натамошна поддршка на дигиталните иновациски хабови.

































