Фото: МИА

Македонија има солидна основа за развој на дигитализацијата и располага со квалификувани кадри и институции што можат да го спроведат овој процес. Интересот на компаниите постојано расте, но за целосна дигитална трансформација се потребни партнерства и соодветна поддршка.

Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ веќе нуди бесплатни услуги за компаниите, а средствата за нивно спроведување се обезбедени од Европската комисија и Владата на Република Македонија.

– Процесот на дигитална трансформација не е едноставен и не претставува предизвик само за нашата држава. Токму затоа, Европската Унија формираше мрежа на европски дигитални иновациски хабови низ цела Европа, кои им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Во Европа функционираат околу 200 вакви хабови, а во Македонија, покрај нашиот, од оваа година започна со работа уште еден – изјави проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.

Во изјава пред денешната панел-дискусија, Ташковски посочи дека досегашното искуство покажува оти е неопходна соработка меѓу сите чинители во екосистемот.

– На компаниите им е потребна поврзана поддршка: од идентификување на потребите и изработка на патоказ за дигитална трансформација до развој и тестирање на пилот-решение и обезбедување финансии за неговата примена. Преку ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се обезбедени околу 40 услуги за тестирање пред инвестирање. Особено радува што компаниите доаѓаат со сè повеќе иновативни идеи. Со заедничка поддршка, тие идеи можат да прераснат во конкретни решенија за попродуктивно и поконкурентно работење – изјави Ташковски.

Од Владата најавуваат дека ќе продолжи државната поддршка за ваквите хабови.

– Планираме и во периодот што следува активно да го поддржуваме овој модел на функционирање. Имаме најава за уште еден дигитален иновациски хаб, за кој Владата одлучи да обезбеди поддршка од еден милион евра, со кофинансирање од програмата „Дигитална Европа“. Во периодот што следува се очекува да се развиваат и други дигитални иновациски хабови. Ова е начинот на кој го поддржуваме приватниот сектор во дигиталната трансформација – истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој нагласи дека компаниите што аплицирале и ги исполниле условите поминале низ соодветните процедури и добиле бесплатни обуки, менторство, анализи и можности за дигитална трансформација на своите бизниси. Притоа, Андоновски посочи дека овој модел на поддршка се спроведува без обвинувања за корупција или фаворизирање компании.

Поддршка за дигиталната трансформација нуди и Швајцарија, која важи за една од најиновативните земји во светот во изминатите 16 години.

– Постојат и многу човечки врски меѓу Швајцарија и Северна Македонија. Во Швајцарија живеат повеќе од 100.000 луѓе со потекло од нашата земја. Многумина од нив работат во ИТ-секторот, во областа на дигиталните технологии, па дури и во областа на вештачката интелигенција – изјави швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.