Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Тања Делева

Кожната бариера е нашиот прв штит од надворешните дразби, иританси, микроорганизми и губење на влагата. Кога таа е нарушена, кожата станува сува, затегната, склона кон црвенило, лупење и чешање. Правилниот дерматолошки пристап не се состои само во површинско навлажнување, туку и во активна репарација на епидермалната бариера и задржување на влагата во рожестиот слој (stratum corneum).

Главните причини за нарушување на оваа бариера можат да бидат внатрешни и надворешни.

Како внатрешни фактори се вбројуваат:

1. Намалено производство на липиди (церамиди, холестерол и масни киселини).
2. Физиолошко стареење и намалување на хијалуронската киселина.
3. Хормонални промени и генетска предиспозиција (атопија).

Во надворешни фактори се вбројуваат:

1. Ниски температури, студен ветер и ниска влажност на воздухот.
2. Вештачко греење и климатизирани простории, кои ја извлекуваат влагата.
3. Прекумерна ексфолијација со козметички процедури и миење со жешка вода.

Здравата кожна бариера не зависи само од липидите и хидратацијата, туку и од рамнотежата на кожниот микробиом – заедницата од микроорганизми што природно живеат на површината на кожата.

Кожниот микробиом учествува во одржувањето на локалната рамнотежа и придонесува за заштитата од патогени микроорганизми. Прекумерната употреба на агресивни средства за чистење, несоодветни козметички производи и честото нарушување на кожната бариера можат да влијаат врз оваа рамнотежа.

Затоа, современиот пристап кон негата на кожата подразбира зачувување на природниот заштитен слој, избегнување непотребна иритација и избор на производи приспособени на индивидуалните потреби на кожата.

Постои важна разлика меѓу сувата и дехидрираната кожа.

Сува кожа: состојба поврзана со намалена содржина на липиди и нарушена способност за задржување на влагата. Може да биде придружена со грубост, лупење и чувство на затегнатост.

Дехидрирана кожа: состојба во која кожата има намалена содржина на вода. Може да се појави кај секој тип на кожа, вклучувајќи ја и масната кожа.

Кај сувата кожа особено корисни се емолиенсите и оклузивните состојки, додека кај дехидрираната кожа се препорачува комбинација од хумектанти и состојки што ја намалуваат загубата на вода.

Во двата случаја, состојбата на кожната бариера е важен фактор при изборот на соодветна рутина.

За ефективна репарација потребни се производи што ги содржат следниве состојки:

1. Емолиенси

Тие ги пополнуваат празнините меѓу клетките.

– Церамиди, кои се неопходни за обновување на липидниот матрикс во физиолошки сооднос.
– Масни киселини и холестерол, кои ги враќаат еластичноста и мекоста.

2. Хумектанти

Тие ја привлекуваат и ја задржуваат влагата.

– Глицерин: еден од најефикасните агенси за зачувување на влагата.
– Хијалуронска киселина: привлекува количество вода до 1.000 пати поголемо од сопствената тежина.
– Уреа (5–10 %): обезбедува длабинска хидратација и има благ кератолитички ефект.

3. Оклузивни агенси

– Сквален, ши-путер (shea butter) и вазелин: создаваат заштитен слој што ја „заклучува“ влагата во кожата.

Правилниот протокол за нега и заштита се состои од неколку чекори:

1. Нежно чистење

– Користење синдетски средства (сапуни без сапун), маслени купки или нежни хидрирачки емулзии.

2. Soak and seal – Хидратација и задржување на влагата

– Веднаш по миењето се нанесува благ хидрирачки крем или балсам за да се задржи влагата во клетките.

3. Одржување на липидите

– Избегнување производи што содржат алкохол, парфеми и есенцијални масла.

Најчестите грешки што треба да се избегнуваат, дури и кога се користат правилни производи, се: прекумерното нанесување на производите, прескокнувањето на хидратацијата дури и кога кожата изгледа „добро“, како и намалената внатрешна хидратација.

Негата на кожата и на нејзината заштитна бариера е многу повеќе од естетски ритуал или прашање на убавина. Таа е суштинска грижа за здравјето и целокупната функционалност на организмот.