Автор: д-р Зорица Милошевска, дерматовенеролог
Атопискиот дерматит (АД) претставува акутна, субакутна или хронична болест на кожата.
Најчесто започнува во доенечкиот период, односно во првите два месеца и во првите години од животот. Кај 60% од пациентите се појавува во првите години од животот, кај 30% до петгодишна возраст, а кај 10% од шест до 20-годишна возраст. Ретко се појавува по 18-годишна возраст. Постојат доенечки, детски и адултен тип на АД. Во однос на полот, малку почесто се јавува кај мажите отколку кај жените.
Начинот на пренесување не е утврден. Често е асоциран со лична или фамилијарна анамнеза за АД, алергиски ринитис и астма. Околу 35% од доенчињата со АД во текот на животот развиваат астма. Карактеристична е комплексна, мултифакторска етиопатогенеза. Во основата, патогенезата на АД претставува сложена интеракција на кожната бариера, полигенетските фактори, факторите од околината, како и фармаколошките и имунолошките фактори – нарушена функција на кожната бариера и IgE-реактивност.
Провоцирачки фактори за егзацербација на болеста се: инхалативни супстанции (аероалергени, микрокрлежи, полен), микроби (егзотоксин на Staphylococcus aureus), автоалергени (IgE-антитела кон хумани протеини) и храна (млеко, јајца, кикирики, соја, риба, жито). Егзацербирачки фактори се: нарушена функција на кожната бариера, инфекции (S. aureus, стрептокок од групата А, Herpes simplex virus – HSV, eczema herpeticum, а ретко и габи), сезоната (состојбата се подобрува во лето, а се влошува во зима), облеката (волната како тригерирачки фактор) и емоционалниот стрес.
Симптоми и клиничка слика
„Егземата е јадеж што се исипува“: гребење – исип – јадеж – гребење.
Јадежот (pruritus) е карактеристичен симптом (conditio sine qua non), последица на сувата кожа (xerosis). Присутни се повеќе или помалку изразени екскоријации, кои можат да бидат влезна врата за секундарна инфекција, најчесто со бактеријата стафилококус ауреус (Staphylococcus aureus), како и инфективна инфламаторна реакција – еритем, едем, везикуло-пустулизација и влажни ерозии покриени со крусти.
Во акутната фаза се појавуваат макули, папули и плаки, со или без сквами, како и едем на кожата. Во хроничната фаза се јавуваат задебелена кожа со нагласени кожни обележја (лихенификација), фоликуларна лихенификација – eczema folliculare (кај лица со кафеава и црна боја на кожата), болни фисури во флексорните регии, алопеција на латералната третина од веѓите како последица на триење, периорбитална пигментација и интраорбитални набори под трепките (Dennie-Morgan знак).
Карактеристични се типичната морфологија и дистрибуција во флексорните регии, поплитеалната и антекубиталната регија, предната страна и страничните делови на вратот, очните капаци, челото, лицето, рачните зглобови и дорзумот на стапалата и рацете.
Не е ретко ни коегзистирањето на симптомите на алергиски ринитис или алергиска бронхијална астма.
Дијагнозата најчесто се базира на клиничките симптоми, односно на главните (мајорни) и споредните (минорни) дијагностички критериуми.
Терапија
1. Локална терапија – во акутната фаза се применуваат облоги, кортикостероидни емулзии и кремови, а по потреба и комбинација со локални антибиотици. Во субакутната и хроничната фаза се применуваат кортикостероидни масти, инхибитори на калцинеурин и емолиентна терапија.
2. Системска терапија – антихистаминици од прва и втора генерација, кортикостероиди (исклучително ретко и интервентно кај деца), антибиотици, стабилизатори на мастоцитната мембрана, UVA-UVB и PUVA. Значајно место имаат пробиотиците како дополнителна перорална терапија, а многу почесто и како составен дел од препаратите за нега.
Едукација на пациентот и родителот
Посебен акцент во едукацијата на пациентот и родителот се става на континуираната употреба на емолиенти – медицинска козметика за атопична кожа. Маслените купки, лосионите и балсамите за атопична кожа претставуваат основна нега, која треба да биде понагласена во студениот период од годината.
Прогноза
Околу 90% од децата ќе ја „израснат“ својата болест во адолесцентната доба.
































