Фото: ЕПА

Романскиот парламент денеска ја изгласа довербата на новата влада предводена од независниот премиер Лука Никулеску, со што се отвора пат за надминување на повеќемесечната политичка криза и периодот на привремено управување со земјата.

Претседателот Никушор Дан на 5 октомври го именуваше 55-годишниот Никулеску, дипломат и поранешен новинар, за мандатар, по соборувањето на владата на Илие Боложан на 5 мај. Никулеску беше четвртиот кандидат за премиерската функција, откако претходно двајца кандидати не добија поддршка од парламентот, а еден го врати мандатот поради недостиг од политичка поддршка.

Новиот владин кабинет го сочинуваат 12 министри од Социјалдемократската партија (СДП) и шест независни министри.

-Го прифатив мандатот како независен премиер бидејќи Романија повеќе не може да си дозволи продолжена криза и нема време за губење – изјави Никулеску на заедничката седница на Долниот дом и Сенатот пред гласањето за доверба, објави телевизијата „Диџи 24“.

Тој нагласи дека формирањето на новата влада го завршува петмесечниот период на привремено управување. Како главни приоритети ги посочи привлекувањето финансиски средства и инвестиции, зајакнувањето на европската интеграција и заштитата на граѓаните.

Осврнувајќи се на економските предизвици, Никулеску потсети дека буџетскиот дефицит на Романија во 2024 година достигнал 9,3 проценти од бруто-домашниот производ. Тој најави дека целта на владата е да изгради економија што ќе создава поголема додадена вредност и ќе овозможи повисоки плати.

Меѓу најавените мерки се зачувување на рамниот данок, усогласување на пензиите од 2027 година, заштита на најранливите категории граѓани и намалување на цената на електричната енергија за стратешките индустрии преку десетгодишен национален енергетски договор.

Во надворешната и безбедносната политика, новиот премиер најави поактивно учество на Романија во Европската Унија, продолжување на инвестициите во безбедноста и зајакнување на соработката во рамките на НАТО, како и на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.

Никулеску истакна дека војната во соседството ги зголемува безбедносните закани и порача дека Романија ќе биде силен поддржувач на забрзаниот пристап на Молдавија кон Европската Унија.

За избор на новата влада беа потребни најмалку 233 гласа од вкупно 464 пратеници. Никулеску го обезбеди потребното мнозинство со поддршка од СДП, Национал-либералната партија (НЛП) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (ДСУР), и покрај противењето на десноцентристичкиот ССР, крајнодесничарската АУР и дел од либералите.