Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека наскоро ќе биде потпишан нов колективен договор за вработените во Министерството за одбрана и Армијата, кој ќе предвидува и зголемување на платите. Според него, во тек се разговори со синдикатите за подобрување на околу 20 одредби од договорот.
Мисајловски информираше дека вчера била одржана уште една средба со синдикалните претставници, на која биле разгледани различни предлози за унапредување на работничките права и условите за работа.
– Постојат различни мислења, но верувам дека заеднички ќе најдеме решение. Синдикатите предлагаат како да се подобрат условите, а ние разгледуваме како тоа да го овозможиме во согласност со финансиските импликации. Она што е добро е дека многу брзо ќе има убави вести – зголемување на платите и нов колективен договор – изјави Мисајловски.
Тој говореше на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната. Според министерот, синдикатите што учествуваат во разговорите претставуваат 99,9 проценти од вработените во Министерството и Армијата.
Мисајловски посочи дека колективниот договор сега максимално се почитува и изрази очекување дека со текот на времето ќе се намалуваат бројот на тужби и средствата што државата ги исплаќа врз основа на судски постапки.
– Во овие две години, откако сум министер, од буџетот се исплатени над 26 милиони евра за тужби. Вработените во Министерството и Армијата требало да ги добијат тие средства, но сега ги исплаќаме преку судски постапки поради проблеми што датираат од 2019 година. Со исплатата се намалува бројот на тужби, а работиме и на тоа да се спречат нови – рече министерот.
Тој додаде дека на денешната средба со министерката за финансии биле договорени средства за зголемување на платите. За таа цел, како што најави, ќе биде потребно да се направат измени во буџетот за да се обезбедат дополнителни финансиски средства.
Мисајловски најави и дека буџетот за одбраната за следната година ќе биде зголемен, при што покрај повисоките плати се планирани и нови капитални инвестиции.
Меѓу проектите што ги најави се изградба на Домот на АРМ, изградба и модернизација на објекти во касарните, како и дополнителни средства за програмата за модернизација во рамките на НАТО. Тој најави и набавка на нови борбени униформи.
Дополнително, во планот се предвидени средства за набавка на дронови и системи за противдронска одбрана. Според најавата на министерот, следниот месец се очекува да пристигнат и два нови хеликоптери.
































