Фото: Никола Ѓурѓај/ фејсбук профил

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) ја објави резолуцијата за Македонците во Албанија на англиски, германски и руски јазик, со што нејзината содржина станува достапна за пошироката меѓународна јавност, информираат од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Со резолуцијата се дава поддршка на барањата на македонското национално малцинство во Албанија за надминување на проблемите со кои се соочува.

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, оценува дека објавувањето на документот на три јазици е значаен чекор за пошироко запознавање на меѓународната јавност со барањата на Македонците во Албанија.

– Ова е навистина добра вест за нас, бидејќи со текстот на резолуцијата сега се дава можност да се запознаат многу малцинства во светот – истакна Ѓурѓај.

Меѓу барањата наведени во резолуцијата се Владата на Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, како и да преземе ефективни мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација.

Документот, исто така, повикува Општина Пустец да го задржи статусот на посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата административно-територијална реформа, како и да се преименува во Општина Преспа.

Од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана информираат дека ФУЕН ја доставила резолуцијата до Владата на Албанија, шефот на државата, Парламентот и меѓународните институции.

Англиски: https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_lQNhcA9k_Resolutions%202026%20EN_web.pdf
Германски: https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_vMpXvOCS_Resolutions%202026%20DE_web.pdf
Руски: https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_15stWeCP_Resolutions%202026%20RUS_web.pdf

Резолуцијата беше едногласно усвоена на 70. конгрес на ФУЕН, одржан во Хелсинки, Финска, на кој учествувале претставници на 100 организации-членки од 38 европски земји.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана е рамноправен член на Федералната унија на европските националности од средината на мај 2015 година. Со тоа, како што наведуваат од друштвото, станало првата организација на Македонците што добила рамноправно членство со право на глас во оваа европска организација.