Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Во фокусот на разговорите биле спроведувањето на стратегијата за рударство, подготовката на новата стратегија за енергетика и унапредувањето на законската регулатива во областите што се во надлежност на Министерството.

Од кабинетот на министерката информираат дека Азески ја потврдил поддршката на Стопанската комора и бизнис-заедницата за имплементацијата на стратегијата за рударство. На средбата била нагласена важноста од соработката меѓу институциите и стопанството за реализација на стратешките цели и создавање услови за одржлив развој на рударскиот сектор.

Разговорите биле насочени и кон подготовката на новата национална стратегија за енергетика. Стопанската комора изразила подготвеност да учествува во процесот, заедно со меѓународните партнерски организации.

-Беше нагласена потребата стратешките насоки во енергетиката да одговорат на новите трендови, технолошките промени и актуелните потреби на стопанството, со цел воспоставување функционален систем што ќе го поддржи економскиот раст и развој на државата – информираат од Министерството.

На средбата се разговарало и за можностите за развој на автомобилската индустрија, со акцент на намалувањето на штетните издувни емисии и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Божиновска посочила дека просечната старост на возилата во земјава изнесува околу 20 години, додека бројот на електрични возила и инфраструктурата за нивна поддршка сè уште се ограничени.

Во тој контекст, била истакната потребата од постепено усогласување со современите европски стандарди за емисии и создавање услови за развој на електричната мобилност.

Соговорниците ја потврдиле и подготвеноста за продлабочување на соработката во унапредувањето на законската регулатива за јавно-приватно партнерство и концесии. Според Министерството, вклучувањето на бизнис-заедницата во овие процеси е значајно за создавање функционални и применливи законски решенија.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини посочуваат дека ќе продолжат да ја унапредуваат соработката со Стопанската комора и стопанството, со цел спроведување на стратешките документи, подобрување на законската рамка и создавање услови за одржлив економски развој.