Одбраната во предметот „Државна лотарија“ ќе достави писмени поднесоци со образложение за околностите што треба да се утврдат со предложените докази, откако на денешното рочиште не беа сослушани двајцата најавени сведоци поради нивното отсуство. Судот предложи нивното испитување да се одржи на следното рочиште, закажано за 30 октомври.
На денешната расправа беше констатирано дека едниот сведок не е во можност да присуствува на главната расправа, за што претходно го известил јавниот обвинител. Другиот сведок отсуствувал поради службено патување, за што обвинителството треба да достави соодветно известување до судот, пренесе МИА.
Судијата предложи двајцата сведоци да бидат испитани на 30 октомври, со цел да не се прават дополнителни промени во распоредот за нивното сослушување.
Поради нивното отсуство, судот продолжи со разгледување на прашањата поврзани со предложените докази. Повеќе бранители најавија дека ќе достават писмени поднесоци во кои одделно ќе ги образложат околностите што треба да се утврдат со изведувањето на секој доказ. По доставувањето, Јавното обвинителство ќе има можност да се произнесе.
Судијата посочи дека одбраната треба конкретно да наведе кои околности предлага да се утврдат со секој доказ на главната расправа. Поднесоците треба да бидат доставени до обвинителството пред рочиштето на 30 октомври, за обвинителите да имаат доволно време да ги разгледаат.
На рочиштето беше разгледано и барањето на одбраната на обвинетиот Александар Димитријевски за доставување на оригиналната документација поврзана со процената и вештачењето. Судот констатира дека е пристигнато известување од Министерството за правда – Бирото за процена, во кое се наведува дека Бирото нема надлежност да ја достави бараната процена на странката, бидејќи документот бил изработен по барање на друг нарачател.
Главната расправа треба да продолжи утре, 21 октомври, во 11 часот. На рочиштето на 30 октомври, покрај испитувањето на двајцата сведоци, предвидено е и произнесување во однос на материјалните докази.
Во меѓувреме, поранешниот вицепремиер Артан Груби, второобвинет во предметот, минатата недела излезе од домашен притвор по истекот на максималниот законски рок за оваа мерка. Неговата одбрана доставила и барање за укинување на дополнителните мерки на претпазливост. Како гаранција дека ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка, понуден е недвижен имот проценет на 335.707 евра.
Во предметот „Државна лотарија“, Груби е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со уште седум лица. Обвинението беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби се изјасни за невин.
Поранешниот вицепремиер во февруари годинава се врати во земјата по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, по што беше приведен на граничниот премин Блаце.
































