Владата денеска ќе ја одржи редовната седница, а продолжуваат и преговорите со снабдувачот ОКТА за обезбедување дополнителен попуст на горивата. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се блиску до договор за намалување на цената на дизелот за дополнителни два денари по литар.
Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Чешиново-Облешево, Мицкоски рече дека преговорите се во тек, во контекст на мерките за поевтини горива што се применуваат до 20 октомври.
– Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни два денари по литар, барем кај дизелот – изјави Мицкоски, пренесе МИА.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со политиката за одржување на цените на горивата на што е можно пониско ниво, посочувајќи дека врз нив влијаат и движењата на светските берзи.
Според премиерот, државата има релативно ниски даночни оптоварувања кај горивата, што придонесува за пониски малопродажни цени. Тој рече дека во некои европски земји дизелот и бензинот чинат над три евра за литар, додека во Македонија цените се под 1,6 евро за литар.
Мицкоски оцени дека светот се соочува со сериозна енергетска криза, но увери дека земјата засега успешно се справува со предизвиците.
– До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови горива. И следната година не очекувам поголеми турбуленции, иако предизвици секако ќе има – изјави премиерот.
Тој додаде дека продуктоводот што го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата во земјава е наполнет и под притисок, што, според него, обезбедува сигурност во снабдувањето со горива.
Мицкоски посочи и дека поради пониските цени, граѓани од соседните земји сè почесто доаѓаат во Македонија да точат гориво, што, како што рече, довело до двојно зголемување на потрошувачката на дизел, особено во пограничните подрачја.
– Ќе продолжиме со оваа политика за да го заштитиме стандардот на граѓаните онолку колку што можеме – порача премиерот.
Во однос на цената на електричната енергија, Мицкоски ги отфрли шпекулациите за нејзино поскапување до крајот на годината. Тој увери дека цената на струјата ќе остане непроменета.
– Откако сме избрани како Влада, немаме покачување на цената на електричната енергија. Остануваме посветени на заштитата на животниот стандард на граѓаните – изјави Мицкоски, обвинувајќи ја претходната влада на СДСМ и ДУИ дека значително ја зголемила цената на струјата.
































