Сакаме да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици – изјави мкнистерот за правда Јетон Шасивари пред средбата со претставниците на правните факултети и студентите, посветена на предложените законски решенија за полагање на правосудниот испит.
Шасивари истакна дека оваа влада има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права.
-Сметаме дека институциите имаат обврска да создаваат услови за еднакви можности со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди – рече тој.
Посочи дека прашањето за правосудниот испит се разгледува и затоа, како што рече, ќе се бараат стручни аргументи, меѓусебна почит и конструктивен дијалог.
-Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина – истакна министерот пред средбата.
Информира дека денеска ќе го претстават предложениот модел, ќе ја објаснат неговата правна основа и ќе ги сослушаат сите позиции.
Според него, предложените измени имаат за цел воспоставување јасна рамнотежа меѓу почитувањето на правото на образование и користењето на другиот јазик на кој кандидатот ги завршил правните студии, од една страна, и гарантирање единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга страна.
- Нашата определба е конечниот предлог да биде усогласен со највисоките европски правни стандарди. Затоа ќе побараме и мислење од Венецијанската комисија како најреномирано европско советодавно тело за уставноправни прашања – рече Шасивари, пренесува МИА.
































