КАРАТЕ – СП ЗА КАДЕТИ И ЈУНИОРИ ВО ПОЛСКА

  • Македонскиот каратист за ривал ќе го има Сенегалецот Мбаке Серињ Сек

Македонскиот каратист Реџеп Рушити утре ќе се бори за бронзен медал на Светското првенство (СП) за кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 год.), кое се одржува во полскиот град Бјeлско Бјала. Рушити, кој настапува во возрасната категорија постари јуниори (до 21 год.), а тежинска до 84 кг, за ривал ќе го има Сенегалецот Мбаке Серињ Сек. Рушити засега е единствениот македонски натпреварувач што успеа да стигне до борба за медал со помош на укажаниот репасаж, кој целосно го искористи, забележувајќи три победи. Вчера останаа да се борат уште натпреварувачите во кадетска конкуренција, каде што Македонија исто така имаше свои претставници.
Рушити во регуларниот дел забележа победа над Французинот Јасин Бен Фаталах (4-1), но потоа минимално загуби од Египќанецот Омар Осман (0-1). Во репасажот успеа да ги совлада Виктор Војарски од Полска (9-0), Ник ван дер Вејде од Холандија (5-2) и Абдеразак Гори од Алжир (0-0), со надгласување на судиите.
На СП учествуваат вкупно 2.022 каратисти од 114 држави, со 1.970 натпреварувачки настапи, а боите на Македонија ги бранат 31 каратист во дисциплините кати и борби, предводени од селекторите Петар Белистојаноски, (до 21 год.), Арлинд Хусеини (јуниори), Дејан Ристески (кадети) и Фери Исиќ (ката), придружени од спортскиот директор на КФМ, Гоце Петров.

Г.И.