Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли како неточни тврдењата дека Ива Михајлова легално ја напуштила Македонија и преку редовен граничен премин влегла во Бугарија. Одговарајќи на новинарски прашања во Владата, тој најави дека Министерството за внатрешни работи го истражува начинот на кој таа ја напуштила земјата, изразувајќи незадоволство од постапувањето на бугарските власти, пренесе МИА.
Мицкоски посочи дека, според евиденцијата со која располагаат македонските институции, а која, како што рече, е потврдена и од бугарска страна, адвокатот на Михајлова влегол во земјата на 28 септември. Тој ги демантираше информациите дека двајцата поминале на легален граничен премин.
– Апсолутно е невистина тоа што го лиферуваат бугарските медиуми во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин. Можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена – изјави премиерот.
Тој изрази жалење што, наместо да биде вратена во Македонија за да ја отслужи казната, според неговите зборови, од неа се прави „естрадна ѕвезда“. Мицкоски порача дека и Михајлова и нејзиниот татко ќе мора да се соочат со македонските правосудни органи.
Осврнувајќи се на можните последици врз билатералните односи, премиерот ја критикуваше политиката на бугарското раководство, оценувајќи дека случајот се користи за создавање политички тензии меѓу двете земји. Тој изрази загриженост дека ваквиот пристап може да ѝ нанесе штета на Бугарија и на нејзината меѓународна позиција.
Мицкоски ги коментираше и обвинувањата од опозицијата, тврдејќи дека нејзините ставови се совпаѓаат со оние на бугарското раководство. Според него, целта е случајот да се претвори во политичка тема што би влијаела врз рејтингот на владејачката коалиција, особено на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ако е тоа така договорено, ние ја бараме назад и неа, и нејзиниот родител, уште денеска да ги донесат и да видиме дали е тоа така договорено или не е тоа така договорено – изјави Мицкоски.
Случајот со Ива Михајлова, која поседува македонско и бугарско државјанство, е поврзан со сообраќајна несреќа со смртни последици за која таа е обвинета во Македонија. По нејзиното заминување во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври издаде наредба за нејзино апсење, а македонските власти распишаа централна и меѓународна потерница. Преку Интерпол – Скопје е побарано нејзино апсење и екстрадиција.
































