Единаесет морнари се водат за исчезнати откако товарен брод беше потопен во напад со дронови во близина на брегот на Бугарија, објави Ројтерс, повикувајќи се на бугарски официјални лица.
Според информациите, две товарни пловила биле погодени од дронови во текот на ноќта, а едниот брод потонал. Бугарија не ја обвини директно Русија за нападите, но премиерот Румен Радев изјави дека последиците од инцидентите „ѝ одат во прилог на Руската Федерација“.
– Ова е апсолутно неприфатливо – уште еден напад во непосредна близина на бугарските територијални води – изјави Радев во телевизиско обраќање.
Тој најави дека Бугарија побарала објаснување од рускиот амбасадор, а за случајот разговарал и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Според Ројтерс, нападите биле осудени и од Украина и Европската Унија. Фон дер Лајен порача дека Црното Море станало „уште еден фронт на ескалација на руската војна во Украина“ и дека одговорните треба да бидат повикани на одговорност.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека нападот покажува „свесно непочитување на човечките животи“ од страна на Москва.
– Црното Море е клучна линија за глобалната безбедност на храната. Русија го напаѓа за да го користи гладот како оружје и да го држи светот како заложник – напиша Сибиха на платформата „Икс“.
Бугарските власти соопштија дека пет членови на екипажот биле спасени, додека 11 останале исчезнати по потонувањето на бродот кај селото Крапец. Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изјавила дека станува збор за товарниот брод HS Dignity, кој пловел под знаме на Гвинеја-Бисао.
Во вториот инцидент бил погоден бродот Chelsea 3, кој пловел под знаме на Малта. Сите членови на екипажот – седум Украинци и осум Азербејџанци – биле спасени и немаат сериозни повреди.
Ова е втор сериозен инцидент со бродови во Црното Море во рок од една недела. Пред неколку дена, девет сириски и еден египетски морнар загинаа откако брод бил погоден од дронови во бугарската ексклузивна економска зона.
Рускиот амбасадор во Софија, Елеонора Митрофанова, изјавила дека нема информации од руското Министерство за одбрана за напади врз комерцијални бродови, но не ја исклучила можноста да станува збор за провокација од трета страна.
Според Ројтерс, по повеќе од четири години од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, пловидбата во Црното Море сè повеќе станува дел од економската и воената конфронтација меѓу двете страни.
Украина и Русија се меѓу најголемите светски извозници на жито. Русија редовно ги напаѓа украинските пристаништа на Црното Море, додека Украина во последниот период ги засили нападите врз руски бродови поврзани со извозот на жито.
































