Фото: Нова Македонија

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 0,87 проценти во однос на претходната одлука од 5 октомври.

Според новата одлука, која ќе важи од 14 октомври 2026 година од 00:01 часот, цените на бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство остануваат непроменети.

Максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 98,50 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 100,50 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 97,00 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 108,50 денари за литар

Промена има кај мазутот, чија цена се зголемува за 2,145 денари за килограм, па од среда ќе изнесува 51,742 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во однос на претходната пресметка бележат намалување кај бензините за 1,561 проценти, кај дизелот за 1,479 проценти и кај екстра лесното масло за 1,462 проценти. Кај мазутот, пак, е забележано зголемување од 4,079 проценти.

Во пресметката е применета владината одлука за намален ДДВ за ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од 10 проценти, како и намалената акциза од 4 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ.

Од РКЕ посочуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците можат да ги формираат малопродажните цени и пониско од највисоките утврдени износи.