Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) благо ја зголеми прогнозата за растот на светската економија во 2026 година на 3,1 отсто, но предупреди дека ризиците се зголемуваат, а придобивките од економскиот раст се сè понерамномерно распределени, објавија Асошиејтед прес и Ројтерс, повикувајќи се на најновиот извештај на Фондот.
Во јулската прогноза ММФ предвидуваше глобален раст од три отсто, додека светската економија во 2025 година порасна за 3,5 отсто. За 2027 година Фондот очекува забрзување на растот на 3,4 отсто, се наведува во најновото издание на извештајот „Светски економски перспективи“, објавено денеска во Бангкок.
Според податоците на ММФ што ги пренесе Асошиејтед прес, американската економија ќе бележи стабилен раст од 2,3 отсто и во 2026 и во 2027 година. Растот во развиените економии годинава треба благо да се зголеми на 2,1 отсто, од два отсто во 2025 година, пред да забави на 1,9 отсто следната година.
ММФ сега очекува цените на нафтата годинава да бидат повисоки за речиси 41 отсто и во просек да изнесуваат 96 долари за барел. Глобалната инфлација се очекува да достигне 4,7 отсто во 2026 година, а потоа да се намали на 4,1 отсто во 2027 година.
Ажурираната прогноза беше објавена за време на годишните состаноци на ММФ и Светската банка во главниот град на Тајланд.
Во извештајот на ММФ се наведува дека силните инвестиции во вештачката интелигенција делумно ги ублажуваат негативните економски последици од значително повисоките цени на нафтата и гасот. Сепак, придобивките не се рамномерно распределени. САД и Кина сочинуваат повеќе од три четвртини од нето-побарувачката за увоз на компјутерски чипови и друга опрема поврзана со вештачката интелигенција.
– Економските перспективи се изразено нерамномерни – изјави во Бангкок директорката на Секторот за истражување на ММФ, Силвана Тенрејро, пренесе Асошиејтед прес.
Според ММФ, само 32 земји сега создаваат 95 отсто од глобалниот економски раст, во споредба со 54 земји во април.
– Светската економија не забавува или забрзува едноставно како целина. Растот се прераспределува меѓу земјите во зависност од нивната изложеност на шокот во снабдувањето предизвикан од војната и од силата на побарувачката поврзана со вештачката интелигенција – се наведува во извештајот.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди дека влијанието на вештачката интелигенција врз работните места, образованието и даночните системи ќе биде огромно.
– Тоа е бавно цунами, но сепак е цунами. Проценуваме дека со текот на времето ќе бидат засегнати околу 40 отсто од работните места во светот – некои ќе бидат унапредени, други ќе бидат деградирани или укинати. Дел од тоа влијание веќе го гледаме – рече Георгиева на собирот во Бангкок, пренесе Ројтерс.
Според Ројтерс, прогнозите на ММФ се засноваат врз претпоставката дека испораките на нафта и гас преку Ормускиот Теснец ќе почнат да се обновуваат до март 2027 година, а враќање кон приближно предвоените услови во бродскиот сообраќај се очекува до октомври истата година. Фондот претпоставува и дека силниот раст на побарувачката поврзана со вештачката интелигенција постепено ќе се намалува.
































