Фото: ЕПА

Уште еден пример на погрешните германски (бриселски) политики, овој пат во ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

  • И покрај европските царини, германското земјоделство и натаму користи руски азотни ѓубрива произведени со евтин природен гас. Увозот драстично опадна, но остана над предвоеното ниво, откривајќи ја слабоста на европската индустриска политика

Германија божем „ја прекина“ директната зависност од рускиот природен гас. Но руската енергија и натаму стигнува до германскиот пазар – овој пат преработена во земјоделски ѓубрива.
Новите податоци на германското Индустриско здружение за агрохемија (ИВА), засновани врз статистиката на Федералната служба за статистика, покажуваат дека европските трговски ограничувања го намалија увозот, но НЕ ја отстранија привлечноста на руските производи. Напротив.
Во земјоделската 2025/2026 година, која трае од јули до јуни, Германија увезла 48.800 тони азот содржан во руски ѓубрива. Тоа е за околу 66 проценти помалку од претходната година, но сепак за 53 проценти повеќе од 31.800 тони увезени во 2020/2021, последната целосна земјоделска година пред руско-украинската војна.
Податоците ги објави „Берлинер цајтунг“ на 10 октомври 2026 година.

Царините го намалија увозот, но суштински не постигнаа ништо, напротив

Движењето на бројките ја покажува длабочината на проблемот што си го искреираа самите германски власти.
Увозот на азот од Русија пораснал на 56.800 тони во 2021/2022 година, а потоа, во првите години од војната, достигнал рекордни 185.100 тони во 2022/2023. Следувале 140.200 тони во 2023/2024 и 143.800 тони во 2024/2025 година. Дури во последниот период е забележан остар пресврт. Особено е индикативен случајот со уреата, едно од најупотребуваните азотни ѓубрива во земјоделството. Количеството увезен азот преку овој производ паднало од 71.600 на 27.600 тони, но и натаму е речиси трипати поголемо отколку во 2020/2021 година, кога изнесувало 9.900 тони.
Европската Унија од 1 јули 2025 година воведе дополнителни царини за одредени азотни ѓубрива од Русија и Белорусија. Мерката требаше постепено да го намали увозот, со цел „да ја зајакне домашната индустрија и да ги ограничи руските приходи што можат да придонесуваат за финансирање на војната против Украина“, а царините е предвидено да растат во текот на повеќегодишен преоден период. Според Индустриското здружение за агрохемија, падот на увозот потврдува дека мерките имаат „некаков ефект“, но здружението сепак предупредува дека царините далеку од тоа дека „ја отстрануваат основната причина поради која руските производи остануваат конкурентни на европскиот пазар“ и дека всушност „НЕ ја отстраниле конкурентноста на руските производи на европскиот пазар“.

Евтиниот руски гас наспроти скапото европско производство

Клучот е во производството. Природниот гас не служи само како извор на енергија туку и како основна суровина за производство на амонијак, од кој се добиваат азотните ѓубрива. Русија, благодарение на поевтиниот гас, може да произведува ѓубрива со трошочна предност што европските фабрики тешко ја достигнуваат. Така, иако Германија повеќе не се снабдува директно со руски гас како пред војната, преку увозот на готови ѓубрива продолжува да купува производи чија конкурентност се потпира врз руските енергетски ресурси. Сепак, од податоците за увозот не може да се пресмета колкаво количество руски гас било потрошено за нивното производство.
– Високите трошоци за енергија во Европа, особено во Германија, го спречуваат понатамошното зголемување на домашното производство и ја прават руската стока привлечна и покрај царините – оценува Индустриско здружение за агрохемија.
Тука се судираат две цели на европската политика. Имено, прво „намалување на економската соработка од Русија“ и, второ, „зачувување достапни цени за земјоделците“.
– Поскапувањето на увозот може да им помогне на европските производители, но без поевтина енергија нивното производство тешко ќе го преземе целиот простор што го ослободуваат руските испораки – сметаат повеќе аналитичари од агробизнисот, кои излегуваат сѐ почесто во јавноста со своите предупредувања.

Снабдувањето засега е стабилно, но ценовниот притисок расте

Според Индустриско здружение за агрохемија, „намалувањето на рускиот увоз засега не го загрозило снабдувањето на германските земјоделци“. Домашните капацитети и испораките од други земји, меѓу кои и Египет, овозможуваат понудата да остане засега доволна, но процените на независни агроаналитичари не се совпаѓаат со овие процени.
Здружението ИВА не утврдува ниту јасен непосреден ефект на царините врз цените на ѓубривата.
Дел од руските производи, според процената на Индустриското здружение за агрохемија, би можел да стигнува до Германија и преку други земји членки на ЕУ. Сепак, достапните податоци не овозможуваат да се утврди обемот на таквиот посреден увоз. Здружението посочува и на пошироките меѓународни фактори што влијаат врз цените во 2026 година, вклучувајќи ги војната со Иран, блокадата на Ормускиот Теснец и последователниот раст на цените на енергијата и ѓубривата.
Според Индустриското здружение за агрохемија, овие случувања дополнително го оптоваруваат пазарот. Затоа, здружението бара дополнителни царини и за калиумовите ѓубрива од Русија и Белорусија, тврдејќи дека европската индустрија може да ги покрие потребите без нужно зголемување на цените. Тоа барање, сепак, се однесува на посебен пазар и не е опфатено со податоците за азотните ѓубрива.
Германскиот случај покажува дека прекинувањето на директниот увоз на енергент не значи автоматски и прекин на економската поврзаност од земјата што го произведува. Додека европскиот гас и електричната енергија остануваат скапи, руските ѓубрива ќе имаат предност што царините можат да ја намалат, но тешко целосно да ја поништат.
За Германија на Мерц, кој со другите либерални политики на Европската комисија креира „страв и закани од Москва“, вистинскиот предизвик не е само да увезува помалку од Русија туку и да создаде услови домашното производство да биде конкурентно без да го префрли товарот врз земјоделците и потрошувачите.

Доне Прентоски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Германија