Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека започнува изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, оценувајќи дека проектот претставува важен чекор кон целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, пренесе МИА.

-Денес е почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект и важен чекор кон нашата голема цел, целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид – напиша Мицкоски во објава на социјалните мрежи.

Тој посочи дека реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево треба да придонесе за побрз транспорт, поголема безбедност, привлекување нови инвестиции и економски развој.

Мицкоски во објавата се осврна и на критиките од опозицијата, наведувајќи дека по години одложувања и пропуштени можности, на државата ѝ се потребни конкретни проекти.

-По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации – наведува премиерот.

Тој порача дека развојот на државата останува приоритет на Владата, додавајќи дека инфраструктурното поврзување е дел од планираните активности за унапредување на економијата и транспортот.