Фото: Пиксабеј

Септември годинава беше вториот најтопол септември во историјата на глобалните мерења, со просечна температура од 16,27 степени Целзиусови, соопшти Службата на Европската Унија за климатски промени „Коперник“.

Според податоците на службата, минатиот месец бил втор последователен месец годинава во кој глобалните температури ја надминале границата од 1,5 степен Целзиусов над прединдустриското ниво.

Во Западна Европа септември бил најтопол досега, додека на ниво на целиот европски континент бил трет најтопол во историјата на мерењата.

Долготрајните суши предизвикале рекордно низок водостој на делови од реките Рајна, Дунав, Висла и Гарона-Дордоња. Ниското ниво на водата довело до нарушувања во пловидбата, водоснабдувањето и земјоделството во повеќе земји, наведува „Коперник“.

Во меѓувреме, морскиот мраз околу Антарктикот го достигнал третиот најнизок годишен зимски максимум.

Директорот на „Коперник“, Карло Буонтемпо, изјави дека по екстремно топлото лето, во делови од Европа повторно биле забележани исклучително високи температури.

-Се наоѓаме во нова серија месеци над 1,5 степен Целзиусов, а со оглед на тоа што силниот феномен Ел Нињо сè уште се интензивира, веројатно е тоа да потрае и во 2027 година – рече Буонтемпо.

Тој посочи дека надминувањето на границата од 1,5 степен предвидена со Парискиот климатски договор било само прашање на време, но нагласи дека одлуките што ќе се донесат и понатаму можат да влијаат врз обемот и времетраењето на затоплувањето.

-Колку далеку ќе ја надминеме и колку долго ќе трае тоа, сè уште зависи од нас – истакна Буонтемпо.

Парискиот договор за климатски промени беше усвоен во 2015 година од 195 потписнички. Неговата цел е глобалното затоплување да се ограничи на значително под два степена Целзиусови во однос на прединдустриското ниво, со напори порастот да се задржи на 1,5 степен.