Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин покажал разбирање за дел од предлозите на американскиот претседател Доналд Трамп за деескалација на конфликтот во Украина, изнесени во текот на нивниот вчерашен телефонски разговор, соопшти денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Во текот на разговорот рускиот претседател покажа разбирање за некои предлози од американската страна за чекори насочени кон деескалација – изјави Песков, пренесе ТАСС.

Тој додаде дека, на иницијатива на американската страна, најголемиот дел од разговорот бил посветен на можностите за решавање на конфликтот во Украина.

По телефонскиот разговор Трамп објави дека Русија се согласила да испорачува дизел-гориво на американскиот и на светскиот пазар, со цел да придонесе за намалување на цените. Најавата предизвика остри критики од Украина.
Путин, исто така, му го пренел на Трамп ставот на иранската страна за можно решавање на конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран, претходно усогласен со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, соопшти Песков.

Путин и Пезешкијан претходно разговараа во Туркменбаши, Туркменистан, каде што рускиот претседател престојуваше по повод самитот на Заедницата на независни држави и Каспискиот еколошки форум.