Основниот суд во Куманово му изрече казна доживотен затвор на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени. Овчарот од Драгоманце ќе издржува доживотен затвор за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска и за два обиди на убиства на две жени Слободка Арсовска и Росанка Трајковска, пренесе МИА.
-За ваков профил на сторител, кој претставува трајна, тешка и непредвидлива опасност за секој поединец, казната доживотен затвор е единствениот можен одговор – рече судијата Мирсад Суроји.
Образложувајќи ја пресудата, судијата рече дека судскиот совет, по спроведената доказна постапка и врз основа на изведените материјални докази, биолошките траги, психијатриското вештачење и исказите на оштетените жени и сведоците, ја утврдил фактичката состојба надвор од секое разумно сомневање.
Судот, како што рече се соочил со еден од најтешките, најморничавите и најкомплексните предмети во поновата судска историја на државата, кој се однесува на сериско одземање човечки животи.
-При одмерување на казната, советот не најде ниту една олеснителна околност, што би можел да ја ублажи одговорноста. Напротив, неговиот криминолошки лик укажува на сторител кој манифестира крајна изопаченост, монструозност и апсолутно отсуство на човечност. Побудите поради кои обвинетиот ги одземал овие животи, задоволување на некрофилски нагони претставува најнизок и најтежок облик на деградирање на човечкото достоинство, кое го сквернавел дури по смртта на жртвите. Обвинетиот покажал висок степен на криминална упорност и целосен недостиг на емпатија и каење. За ваков профил на сторител кој претставува трајна тешка и непредвидлива опасност за секој поединец, казната доживотен затвор е единствен можен одговор – рече судијата Суроји.
Тој нагласи дека целта на казната во овој случај не е ресоцијализација, туку трајна изолација на сторителот од општеството. Злосторствата, како што наведе судијата предизвикале страв, несигурност и вознемиреност кај граѓаните.
– Со денешната пресуда, судот во име на граѓаните испраќа силна порака дека институциите имаат капацитет да ги откриваат, докажуваат и најстрого да ги казнуваат најтешките форми на криминал. Човечкиот живот е неприкосновен и свет. Секој оној што ќе се осуди да одземе човечки живот, особено на ваков начин, ќе се соочи со најригорозната санкција што ја предвидува нашиот правен систем – рече Суроји.
Тој додаде дека со одлуката државата застанува во заштита на општеството, а правдата за жртвите и нивните семејства ќе биде задоволена.
Според утврденото во постапката, кривичните дела биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, а жртви биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами. Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, додека второто било извршено во периодот од 5 до 7 јуни истата година во селото Драгоманце. Во случајот биле опфатени и два обида за убиство во селото Челопек. Првиот се случил на 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош и да го спречи напаѓачот, по што тој побегнал. Вториот обид, според обвинителството, бил на 9 февруари 2026 година, кога Бојковски се откажал од намерата и го напуштил местото. Тој е обвинет и за убиството на жена во Старо Нагоричане во јануари 2026 година, како и убиството на повозрасна жена во Челопек во февруари истата година.
Обвинителот Љубомир Лапе оцени дека судот правилно ја утврдил фактичката состојба и ја изрекол единствената соодветна казна за Трајче Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиства. Во изјавата за медиумите рече дека и судот правилно ги утврдил отежнителните, не и олеснителни околности, истакнувајќи дека за обвинетиот нема можност за ресоцијализација.
Во однос на постапките за евентуална одговорност на лекари и полициски службеници, Лапе појасни дека бил отворен посебен предмет за лекарите, во кој паралелно се собирале докази за време на постапката против Бојковски. По поднесувањето на обвинението за Бојковски кумановското обвинителство побарало предметот за лекарите да биде пренесен во месна надлежност на друго обвинителство.
– Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи предлогот, по што предметот беше испратен во Основното јавно обвинителство Скопје. Кумановското обвинителство нема информации за понатамошното постапување во овој предмет. Ве упатувам таму да побарате – рече Лапе.
Во однос на евентуалната одговорност на полициските службеници, тој изјави дека во истражните дејствија во предметот против Бојковски не утврдил сериозни пропусти што би можеле да им се стават на товар. Тој нагласи дека не е надлежен да утврдува евентуална одговорност на полициските службеници, за што постојат други надлежни институции. Тој кажа дека од другите институции не комуницирале со него.
Судот одлучи дека му се продолжува мерката притвор се до правосилноста на пресудата, која може да биде обжалена во рок од 15 дена до Апелационен суд-Скопје. Осудениот Бојковски се задолжува да ги плати трошоците за постапката и правните побарувања на оштетените, односно на семејствата на жртвите и на двете преживеани, за што се упатуваат на граѓанска постапка.
































