Група лекари вклучени во процесот на избори во Лекарската комора реагираат со соопштение до медиумите.
Соопштението насловено „НЕЛЕГИТИМНОСТ И НИЗА СKАНДАЛОЗНИ ОДЛУКИ: Време е за одговорност во Лекарската комора“ го објавуваме во целост :
„Како лекари и членови на Лекарската комора, со длабока загриженост и чувство на професионална одговорност, реагираме на серијата неправилности кои сериозно го нарушуваат интегритетот на изборниот процес, а со тоа и угледот на целата наша струка.
Прво и основно, мора да се истакне прашањето за легитимитетот на самата Централна изборна комисија (ЦИК). Ова тело беше избрано од страна на сегашната претседателка на Комората, чиј мандат официјално истече уште на 1 јули 2026 година. Во правна држава и професионална организација, одлуките донесени од страна на функционер чиј мандат е истечен ја губат својата правна заснованост. Оттука, и самиот избор на ЦИК носи сериозен печат на нелегитимност.
Второ, од самиот почеток на своето работење, оваа Комисија донесе низа контроверзни, непрофесионални и логички неодржливи одлуки:
-
Сериозни пропусти во изборниот материјал и поништување на гласањето: Поради директна грешка и недозволива небрежност на ЦИК при потврдувањето на гласачките ливчиња, беа погрешени имињата на одделни кандидати. Ваквиот аматеризам и пропуст резултираше со поништување на гласањето во дури две избирачки места, со што директно се наруши регуларноста на процесот и се одзеде правото на соодветно изјаснување на делегатите.
-
Импровизации со начинoт на гласање: Еден од првите скандалозни потези беше одлуката за набавка и користење на флуоресцентни пенкала во различни бои за секој избирачки одбор поединечно. Во изборната пракса и според општите стандарди, добро е познато дека волјата се изразува исклучиво со сино хемиско пенкало. Воведувањето шарени флуоресцентни пенкала не само што внесе непотребна конфузија, туку отвори и оправдани сомнежи за можноста за обележување на гласачките ливчиња.
-
Попречување на јасно изразената волја на гласачите: По завршувањето на изборниот ден, ЦИК донесе уште една спорна одлука со која за неважечки се прогласуваат ливчињата на кои името на кандидатот е заокружено, но и подвлечено. Според сите изборни начела, основно правило е да се испочитува и заштити недвосмислено изразената волја на гласачот. Ако кандидатот е јасно заокружен, секое дополнително подвлекување само ја потврдува, а не ја поништува таа волја. Како директна последица на овој преседан е и случајот каде Суб. спец. гастроентерохепатолог д-р Глигор Евчески од К.Б. Тетово беше кандидат за делегат на една од листите, каде што резултатот со неговиот противкандидат беше целосно израмнет. Токму поради едно вакво ливче, на кое неговото име било и заокружено и подвлечено, ЦИК одлучува да го поништи гласот и наместо да ја признае јасната волја на гласачот, бара целосно прегласување од почеток за целиот општински одбор.
Лекарската комора мора да биде пример за транспарентност, законитост и етика. Лекарите заслужуваат комисија која ќе ги штити изборните права, а не тело кое со кардинални грешки, нестандардни правила и спорни одлуки фрла сенка врз изборниот процес.
Поради сите горенаведени причини, бараме итно преиспитување на сите донесени одлуки, враќање на процесот во рамките на законитоста и обезбедување целосна демократичност при изборот на новото раководство на Лекарската комора.“
































