ИСТОРИСКИ ТЕМПИРАНА БАЛКАНОИДНА РАЗМЕНА НА КОСКИ
- Не треба да се копа по некои школки заглавени во тиња за да се пронајде одговорот каде лежи проблемот со тоа што антиката (Александар Македонски) ни ја зема Грција, а средниот век (Самуил) оди за Бугарија. Нашиот патоказ кон ЕУ се наоѓа во метафората на коридорите 8 и 10, кои се како координати за една идентитетска смрт. Но секогаш има шанси за опстој. Единаесетти октомври е токму тој наш светилник што ни дава и правец и надеж дека борбата за слобода нема алтернатива. А АСНОМ е нашиот сплав, нашата Ноева арка
Драги, почитувани и горди Македонци, нека ни е честит 11 Октомври, великиот ден кога нашите предци се фатиле за пушките и пукале за слобода. За наша слобода. Секако дека треба да славиме, но имаме ли доволно причини денес овде да славиме? Слободни ли сме или не? Ќе дојдам до одговорот на овие тешки прашања.
Поставувам дилема – ако некој утре или подоцна го пронајде гробот на Александар Македонски некаде да претпоставиме во Светиниколско, чиј ќе биде тој гроб. Кому ќе му припаднат коските на Александро? Кој ќе го отвори тестаментот на Александар? И уште многу кој, како на пример дали ќе се испочитува волјата искажана во тој тестамент, кој патем има фалсификувана грчка верзија? Дали ќе мораме да вртиме телефон, а на тој што ќе врти ќе му се тресат рацете, некому во Атина? Дали ќе се јавуваме во Софија? Или директно во Брисел кај некоја идна Урсула за да ни кажат што е наша обврска? Дали нам тогаш, слично како и сега, ќе ни се додели улогата да ги држиме лопатите, значи гробарската работа, а науката ќе ја преземат другите? Боли, знам, ама треба да се погледнеме в лице и кога сме во болки!
Бидејќи се фатив за лопатите, и како метафора за судбината на еден народ, древен народ, морам да раскажам една анегдота кажана од мој пријател археолог, а е многу поучна и совршено одговара на времево кога се прават балканоидни трампи на коски од историски значајни, можеби и угледни личности. И така, легендата вели дека некогаш на еден археолошки локалитет во Охридско копал и некој странец. Копал, копал и почнал да вади теории и за постанокот на Земјата, па едно време дошол до заклучок дека геолошките промени на Земјата и не оделе според научните тврдења, туку дека сѐ е наопаку. Обратна историја. Археологот почнал и да објавува трудови, да го врти вниманието на науката, сѐ додека тој не дошол до своето најголемо откритие, кое му обезбедило билет во еден правец кон Бардовци. Копајќи, тој мавнал со лопатчето во некој метал и, за негова жал, а наша среќа, откопал конзерва на која пишувало сардини „ева“. Така тој сфатил дека некој пред него копал и ги превртел историските пластови. Да, да, копале и прекопувале пред него и други, па откопале за време бугарско две златни маски и си ги однеле во Софија, а за време српско уште една златна маска, па си ја чуваат во Белград. Една си чуваме и ние. Ете ти среќа! Несреќата е што под маската треба да напишеме дека таа не ѝ припаѓа на македонската култура, туку на некоја друга, што во науката би можело да се нарече чист научен фашизам. Сум видел со свои очи три артефакти од Хераклеја изложени во Канбера во поставката „Античка Грција“ на Британскиот музеј. На нив не стои македонски артефакти, туку хеленистички од Северна Македонија, термин што според мене е псевдонаучен.
И така во близина од каде што во 12 век владеел со делови на сѐ уште живата македонска империја, царот Самуил, деновиве добивме вест дека некој во грчката држава решил на Бугарија да ѝ ги врати коските на Самуил, демек да биде таму каде што припаѓа. Некој рече дека со овој гест Грција ја отворила Пандорината кутија, но, според мене, е отворена археолошката сардина „ева“. Бидејќи не сум научник, туку новинар, можам само да кажам дека имам чувство на гадење од вакви гестови. Оти премногу смрди од таа стара конзерва, а знаевме дека ќе засмрди.
Чиј е Александар? Според Преспанскиот договор, не е Македонец, не е од нашиот сој, туку од некој грчки. Ова е секако археологија на превртени слоеви. И со тој чин на потпишување во Нивици, на стотина метри каде што наводно е пронајдена гробницата на царот Самуил, се предадени и Александар и еден од столбовите на македонскиот идентитет. На еден народ што го зачувал своето име со милениуми, а неколку изроди им го шитнале на старите антички трговци со ќупови на кои има еротски сцени на педерастија и куп вреќи со историски измислици. Македонската идентитетска гилотина ни се случува сега со предавањето на Самуиловите коски на Бугарите, точно како што е пропишано, еве ви го тој европски патоказ, во Договорот за пријателство и соработка со Софија, кој е зајакнат со протоколи.
Немаме антика, немаме ни среден век. Ќе ги зачуваме ли некако барем 11 Октомври и АСНОМ?
И покрај сите историски контроверзии, ние не сме со ексклузивно право во таа смисла, сите народи се испреплетени во контроверзии, па и затоа војуваат, нашите предци во документите за сопствена држава ги ставале и Александар Македонски и цар Самуил. Биле паметни и сметале дека и покрај сите контроверзии, пропаганди и лажни историски наративи, македонската линија во историска смисла постоела. А како клучна алка во таа долга верига е јазикот, јазикот македонски. Тука ќе запрам за да поставам две прашања особено за нашата наука: Од кога македонскиот јазик стана словенски? Од кога Македонија стана Византија? И пред Самуил и по него, Македонија има македонски императори, и така им стои во титулата и таков печат ставаат на указите. Ете, можеме да си ја бараме на пример круната на македонскиот цар Душан од Прага да си дојде во Скопје. Ви изгледа неверојатно?! Па, гледајте какви трговии се прават. Овие, бре, и со коските тргуваат!
И картографијата употребува Македонија, а не Византија. Особено што токму во Самуилово време Македонците духовно ја превртуваат Европа. Ќе платат со крв за тоа, тоа е еден од најголемите масакри низ тогашна Европа, кога не се откривале риби со конзерви. Простете на мојата иронија. Простете ѝ на Тајната книга, еден од тестаментите на Македонците. Ама, како што рече и Горан Стефановски, „на Европа ѝ се прди за вас (нас)“. Но, тука не се најде јунак во науката да викне гласно по македонски кои сме и зошто постоиме. Ние не отворивме ниту еден институт или центар или некоја катедра по светот каде што ќе се изучува македонистиката. Наместо наука и напредок, како што им прилега на Македонците, некои наши избрани лидери тргнаа по патот на ставање потписи таму каде што не треба. Е, сега не добиваме ни патоказ (и порано Брисел давал патокази, па што?), туку само насока дека нашиот пат во ЕУ оди преку Бугарија. Значи коридорот 10 нѐ заглави идентитетски, а коридорот 8 ќе нѐпокрие како слана (кај слана тивко венеше цвете). Таков и е патоказот. Затоа што договорите со Грција и со Бугарија удрија немилосрдно во македонското историско наследство и во суштината на македонскиот идентитет. Сега оваа перверзна историска игра на Атина и на Софија со размена на ѓоа артефакти (нема научна потврда дека се тоа коски на Самуил) е само демонстрација на нивните дипломатски победи. Ние можеме да се ставиме на страната на дипломатски поразените. Па, дури и новото време најавувано со отворање дата- центри го остава отворено прашањето: А што со историските факти? Во кои дата-центри ќе ги бараме? Или едноставно ќе исчезнат. Кибернетска смрт на Македонија!
Ова е мрачното сценарио, кое не мора да се случи. Имаме право да го свртиме текот на историјата и да размислуваме по македонски за нашата иднина. Очигледно е дека кога даваш, другите очекуваат повторно да го правиш тоа. И затоа кога нашите политичари викаат дадовме, ова, она, а тоа не се мали работи, како на пример знаме, устав, историја, наследство, веднаш треба да се помисли и на тоа – па зошто сме давале?! Некои идни наши наследници ќе си го поставуваат тоа како прашање, а можеби и како аргумент да се осуди една недостојна генерација во која, сакал или не, припаѓам и јас. Реалноста е немилосрдна.
Ние не знаеме како ќе изгледа идната ЕУ и со колку членки ќе биде, оти сме во период на хаос и неизвесности. Македонија ја нема во групата од четири земји што ќе добијат јасен патоказ. Ние сме оставени во магарешка клупа, за тапкање по рамо со една ептен оптимистичка изјава од шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Брисел нѐ чека, чека една земја што ги исполнува барањата и земја со зачуван идентитет. Си замислувам како покрај пругата на тој иден македонски воз му мавтаат дечиња со црвени шамии.
Има овде една неподнослива тешкотија што ја остава Фон дер Лајен. Ние не сме во сооднос со ЕУ од вчера и не од вчера сме ја усогласиле надворешната и безбедносната политика, законодавството. Ние сме и сојузници што пристапија под новиот европски безбедносен чадор САФЕ. Зошто ЕУ не нѐ гледа и како сојузник, кој утре би дал и човечки жртви за идеалите на ЕУ, туку нѐ остава во некаков геополитички санитарен коридор и предност им дава на Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија? Бидејќи се кажа дека се водат тајни дипломатски преговори меѓу Софија и Скопје, прашањето е каков ќе биде конечниот договор и како какви нѐ токми Брисел за идна членка на Унијата.
Со двата договора што ги имаме со Грција и со Бугарија, а кои се како два камена врзани за нозете, не можеме долго да пливаме, а шансите да испливаме се минимални. Ако се држиме до АСНОМ, каде што основачите на модерната македонска држава му нашле место и го спомнале и Самуил, тогаш тоа е нашиот сплав, а не двата камена се шансата да препливаме.
И затоа, честитајќи го големиот ден, денот кога народот македонски се кренал на борба за слобода и за своја држава, за тоа да немаме дилеми, го поставуваме прашањето: Дали ние навистина се ослободивме? Дали денес сме слободни или…?
Ако се држиме до 11 Октомври, до тој наш светилник на слободата, тогаш треба да размислуваме и да креираме и градиме иднина во тој слободарски дух, наместо како нечии робови или модерни вазали на туѓи интереси. Слободата нема цена. Така било и така останало. Тоа е нашиот патоказ.
































