Земјоделски предизвици (2)
- На краток рок земјоделецот ја намалува заработката. На среден рок ја намалува употребата на репроматеријали. На подолг рок може да ја намали обработената површина или целосно да се откаже од одредена култура. Тогаш проблемот општествено се мултиплицира и сѐ посилно се чувствува на пазарот
Според податоците на Државниот завод за статистика, во август 2026 година цените на вкупните влезни инпути во земјоделството биле 7 проценти повисоки од август 2025 година. Уште попрецизно, самите „ѓубрива и подобрувачи на почвата“ биле повисоки за 4 проценти на годишно ниво и за 5,7 проценти во однос на декември 2025 година. Енергијата, горивата и мазивата биле поскапи дури 15,8 проценти на годишно ниво. Од друга страна, на излезната страна (аутпутите односно кај земјоделските производи или она што го произведуваат земјоделците) сликата била обратна. Во истиот месец, август 2026 година, цените на растителното производство биле 2,4 проценти пониски од една година порано, а зеленчукот бил поевтин 6,4 проценти, овошјето и грозјето 7,2 проценти, додека житата и оризот биле поевтини 0,7 проценти. Уште поостра била сликата во јули, кога влезните трошоци во земјоделството пораснале 4,1 процент, а излезните цени на растителното производство паднале 6,8 проценти. Тоа е еден сериозен показател: Да поскапува производството, а да поевтинува производот?! Но тој парадокс не може долго да трае без последици.
Земјоделците произведуваат поскапо, а продаваат поевтино?!
А што се случува доколку земјоделецот не може да ја покрие цената?
На краток рок земјоделецот ја намалува заработката. На среден рок ја намалува употребата на репроматеријали. На подолг рок може да ја намали обработената површина или целосно да се откаже од одредена култура. Тогаш проблемот општествено се мултиплицира и сѐ посилно се чувствува на пазарот.
– Ако домашното производство падне, постојат само неколку начини да се покрие тоа. Да има поголем увоз, да има повисоки цени или и двете заедно. Затоа кризата со ѓубривото не е само проблем на земјоделците. Таа е потенцијален проблем за секој граѓанин – велат нашите соговорници, агроинженери.
Тие додаваат дека „механизмот не е автоматски и не значи дека секое поскапување на ѓубривото веднаш ќе предизвика ист процент на поскапување на доматите, лебот или оризот“…
– Тука постои јасна економска врска. Ѓубривото е еден од трошоците во производството. Кога тој расте, расте и минималната цена по која земјоделецот може економски одржливо да произведува. Ако пазарот не ја прифати таа цена, производителот има мотив да произведува помалку. Тогаш понудата се намалува. И ако побарувачката остане релативно стабилна, помалата понуда создава нагорен притисок врз цената. Ова е особено чувствително кај производите со краток производствен циклус и ограничена можност за складирање, како што се зеленчукот, овошјето и дел од другите свежи производи. Кај житата механизмот може да се пренесе и низ цел синџир, почнувајќи од пониски приноси, преку поголема потреба од увоз и изложеност на светските цени, до притисок врз брашното и поскапување на храната – велат нашите соговорници .
Македонија има голем простор за маневар и подобрување на земјоделството
Домашното производство не е доволно големо за Македонија лесно да го игнорира глобалниот пазар. Во 2025 година, според Државниот завод за статистика, Македонија произвела околу 19.156 тони ориз, 205.583 тони компири, 112.645 тони домати, 244.043 тони пиперки и 32.536 тони краставици. Кај сточната пченка производството паднало од речиси 199 илјади тони во 2024 на околу 132 илјади тони во 2025 година. Овие бројки покажуваат нешто многу важно, а тоа е дека македонското земјоделство не е една култура и еден ризик.
– Ако проблемот со репроматеријалите се продлабочи, последиците може да се појават на различни места, и тоа кај житата преку приносот, кај пченката преку приносот и трошоците, кај зеленчукот преку трошоците за интензивно производство, кај овошјето преку квалитетот и приносот, кај оризот преку високата производствена цена, кај сточарството индиректно преку поскапата сточна храна… Затоа, погрешно е ѓубривото да се гледа само како „уште еден земјоделски трошок“. Тоа е еден системски инпут (влез што верижно влијае на излезот во производствениот процес) – тврдат соговорниците.
Глобалниот пазар повторно предупредува
Во септември 2026 година Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) соопшти дека глобалниот индекс на цените на храната достигнал 136 поени — највисоко ниво од ноември 2022 година. Во однос на август пораснал 1,5 процент, а во однос на една година порано бил повисок за 5,8 проценти. Тоа не е последица само на ѓубривата. Во игра се временските услови, транспортот, енергијата, геополитиката и нарушувањата во трговијата. Но токму тука се гледа колку е опасно земјоделството да влезе во нов ценовен циклус со скапи инпути. ОЕЦД предупредува дека повисоките енергетски цени ги зголемуваат цените на ѓубривата, што ги тера земјоделците да користат помалку инпути, со последица врз приносите и цените на храната.
Добрата вест е дека има надолен тренд на ѓубривата
Факт е дека најголемиот ценовен шок од пролетта не продолжи со ист интензитет. На меѓународниот пазар уреата по пролетниот скок почна да поевтинува. Во Торино, на пример, цената се спушти од над 700 евра за тон на почетокот на септември на околу 640–650 евра на почетокот на октомври. Но лекцијата е многу посериозна за нас. Имено, Македонија не смее да се потпира само на тоа дека светската цена ќе падне. Земја што зависи од увоз на клучен земјоделски инпут е ранлива секогаш кога ќе се нарушат светските пазари. А 2026 година покажа колку брзо може да се случи тоа.
– Ограничувањето на маржите може да биде оправдана краткорочна мерка во кризна состојба. Но тоа не е долгорочна земјоделска политика. Ако проблемот се повторува секоја година, Македонија ќе мора да размислува за стратешки резерви на ѓубрива, особено за најкритичните азотни производи, за диверзификација на увозот, за да не се зависи од мал број пазари и доставувачи, за навремени и транспарентни податоци за резервите, за државата и земјоделците да знаат дали постои реален ризик од недостиг, натаму за паметно субвенционирање, насочено кон земјоделецот, а не кон создавање трајно зависен пазар, како и за агрохемиски анализи на почвата, за да не се фрла повеќе ѓубриво од потребното… Мошне е важно да се размислува и за прецизно земјоделство, со кое истото количество на хранливи материи може поефикасно да се искористи, како и долгорочно, имено поголема употреба на органски извори на хранливи материи, таму каде што агрономски и економски е оправдано – велат професори од Земјоделскиот факултет во Скопје со кои се консултиравме.
ФАО покажува дека светската употреба на минерални ѓубрива во 2024 година достигнала 197 милиони тони хранливи материи, но употребата по хектар глобално била релативно стабилна. Тоа покажува дека иднината не мора да биде „повеќе ѓубриво“, туку усвоен процес на поефикасно и попрецизно ѓубрење.
Најопасното сценарио не е цената од 700 евра по тон?!
Најопасното сценарио е земјоделецот да заклучи дека не му се исплати да произведува. Ако ѓубривото од 450 стане 900 евра, земјоделецот може да се обиде да ја преживее сезоната. Ако потоа цената падне, може да здивне. Но ако во исто време нема сигурен откуп, ако дизелот е скап, ако семето и препаратите поскапуваат, а домашниот производ на пазарот се продава по цена што не ја покрива реалната цена на чинење, тогаш проблемот веќе не е само инфлациски. Тој станува структурен. И тогаш земјоделецот почнува да се прашува дали следната година воопшто да сее.
Во Македонија за ѓубривото сè уште премногу често се зборува како за репроматеријал и трошок на земјоделецот. Тоа е премногу тесна перспектива. Ѓубривото е дел од инфраструктурата на производството на храна. Кога неговата цена расте, земјоделецот прв ја чувствува последицата. Кога неговата достапност се нарушува, ја чувствува нивата. Кога приносите паѓаат, го чувствува откупот. Кога домашното производство не е доволно, го чувствува увозот. А кога светските пазари се нарушени, на крајот го чувствува и потрошувачот. Затоа вистинската дилема за Македонија не е дали уреата или НПК-ѓубривото денес чини 500, 600 или 700 евра. Вистинската дилема е дали земјата ќе има доволно ѓубриво, по предвидлива цена и во вистинскиот момент, за земјоделецот да има економска причина да произведува. Ако одговорот на тоа прашање стане „не“, тогаш кризата повеќе нема да биде криза на ѓубривото. Ќе стане криза на производството на храна. И тогаш сметката нема да стигне само до земјоделецот. Ќе стигне до државата и до граѓаните.
































