Фото: Маја Јаневска-Илиева

Асоцијацијата на шаховски федерации на мали нации ги обновува активностите

Членовите на Асоцијацијата на шаховски федерации на мали нации (СНАЦА) се состанаа во Самарканд (Узбекистан), на генерално собрание на Асоцијацијата, каде што се договорија да ја ревитализираат работата на СНАЦА, го одобрија новиот статут и избраа нов управен одбор (УО) со двегодишен мандат. СНАЦА сега опфаќа 35 федерации членки од четири континенти, што ја одразува растечката меѓународна заедница на шаховски федерации застапени во Асоцијацијата.
Како дел од својата обновена агенда, СНАЦА планира да го организира своето прво Поединечно првенство во 2027 година, што ќе претставува важна пресвртница во развојот и идните активности на Асоцијацијата. Генералното собрание во Самарканд означува ново поглавје за СНАЦА додека таа продолжува да ја зајакнува соработката меѓу малите нации и да обезбедува можности за нивните шаховски заедници да учествуваат на меѓународни настани, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Г.И.


ТЕНИС

На турнирот „Слем во еден поен“ ќе играат и Алкараз, Гоф, Осака, Синер…

На тенискиот турнир „Слем во еден поен“ во рамките на гранслем-турнирот Австралија опен повторно ќе има ѕвездена моќ во јануари в година, со Карлос Алкараз, Коко Гоф, Наоми Осака и Јаник Синер меѓу играчите што ќе се натпреваруваат против професионалци и аматерски квалификанти, за награда од еден милион австралиски долари, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
На најавувањето на Австралија опен во четвртокот организаторите изјавија дека квалификациите за „Слем во еден поен“ се во тек во клубовите и во тениските заедници низ Австралија. Финалниот дел на овој турнир ќе ги однесе професионалците во конкуренција со аматери и со играчи со покана за наградата од еден милион австралиски долари.
Сите натпревари траат само еден поен во нокаут-систем, во кој учествуваат тенисери и тенисерки, професионалци и аматери, плус познати личности.
– Во фокусот на создавањето на „Слем во еден поен“ е нашата желба уште подлабоко да го поврземе Австралија опен со секоја тениска заедница во земјата – изјави Ендру Абдо, новиот извршен директор на „Тенис Австралија“, пренесе АП. Н.М.