Фото: „Нова Македонија“

ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА ЗА ПРАЗНИКОТ 11 ОКТОМВРИ

  • Од 30 Целзиусови степени до вистинска есен, и тоа само за неколку дена… Празничниот викенд носи променливо време, а оние што ќе тргнат надвор, во природа, излет или на кус одмор, ќе мора внимателно да ја изберат дестинацијата

Ќе биде ли 11 Октомври ден за излет, прошетка и кафе на отворено или празникот ќе го поминеме под чадори? Ова е прашањето што вчера и денес си го поставуваат илјадници граѓани што веќе ги планираат трите слободни дена. Големиот македонски празник годинава паѓа в недела (11 октомври), а бидејќи понеделник (12 октомври) е неработен ден, граѓаните добиваат продолжен викенд, идеален за патување. Многумина веќе планираат да заминат на планина, покрај езеро, во викендичка или на краток излет. Но по речиси летните температури, кои деновиве достигнуваат и до 28–30 степени, атмосферата нагло ќе почне да се менува. Од утре започнува временски пресврт.

ОД ЛЕТО ДО ЕСЕН ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА

Силен циклон од областа на Џеновскиот Залив ќе започне да се активира и да носи влажен и нестабилен воздух кон Балканот. Најголеми проблеми прво ќе има по должината на Јадранот. Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и делови од Албанија ќе бидат под влијание на обилни врнежи, поројни дождови, грмежи и силен ветер. Локално се можни и екстремно високи количества дожд. На одделни места во регионот може да паднат повеќе од 100, па и до 200 литри дожд на квадратен метар. Тоа отвора опасност од поплави, надојдени реки и порои, лизгање на земјиштето и одрони. За оние што планираат празничен викенд на хрватското или црногорското приморје, ова е особено важна информација. Токму таму времето може да биде најлошо во текот на продолжениот викенд.

ШТО НÈ ОЧЕКУВА ВО МАКЕДОНИЈА?

Според Републичкиот хидрометеоролошки завод, во Македонија промената ќе биде поблага, но сепак многу забележлива. Денес, четврток, започнуваме со посвежо утро, а во текот на денот ќе има повеќе сонце. Од утре, петок, сепак, облачноста ќе се зголемува. Ќе има повремени врнежи од дожд, а локално тие ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи. Температурите ќе паднат во однос на денешните летни вредности, но нема да следува нагло студено време. На самиот празник 11 Октомври се очекува променливо облачно време. Во поголем дел од низинските предели температурите би се движеле околу 20–22 степени. Во Скопје се очекува дневната температура да достигне околу 21–22 степени. Ќе има периоди со сонце, но и зголемена облачност. Не се исклучуваат локални краткотрајни врнежи.
– И токму затоа 11 октомври засега не изгледа како ден за откажување на сите планови. Тоа значи дека за граѓаните во Скопје и централниот дел од земјата условите засега изгледаат релативно поволно за прошетка или излет, но не и за безгрижно целодневно седење на отворено без резервен план – додава наш соговорник од РХЗМ.
Оттаму додаваат дека ситуацијата ќе биде малку поинаква во западните делови на Македонија. Охрид, Маврово, Крушево и повисоките планински предели ќе бидат под поголемо влијание на влажниот воздух. Во Охрид температурите би биле околу 18 степени, а не може да се исклучи и повремен дожд. Во Маврово ќе биде уште посвежо. Дневната температура ќе биде околу 18 степени, а на повисоките места чувството ќе биде типично есенско. Крушево исто така ќе биде значително посвежо од Скопје. Затоа, сите што планираат празнична прошетка на планина треба да заборават на летната гардероба. Јакна, затворени обувки и чадор ќе бидат многу попрактичен избор.

В САБОТА И НЕДЕЛА НЕМА ДА БИДЕ ИСТО ВРЕМЕТО ВО МАКЕДОНИЈА НА СЕКОЈА ЛОКАЦИЈА

Најважна информација за граѓаните во Македонија во врска со временската прогноза за претстојните празнични денови е дека времето нема да биде исто во целата земја. Додека во Скопје и централните низини може да има подолги сончеви периоди, западот ќе биде погоден од влажен атмосферски талог. Затоа, ако изборот е меѓу излет во Скопската Котлина и планински престој во Маврово, временските услови засега се нешто поповолни за првата варијанта. За Охридската Котлина, пак, треба да се следат најновите прогнози во деновите пред празникот. Но добрата вест за оние што ќе останат во Македонија е тоа што понеделник, 12 октомври, засега не изгледа како ден со врнежи, ветер или продор на нов студен воздушен бран. Се очекува постепено стабилизирање на времето. Ќе има облачни периоди, но и повеќе сонце. Температурите ќе останат околу 20 степени, што е сосема пристојно за средината на октомври. Сепак, утрото ќе биде свежо, а во планинските предели и студено.
Според сегашната синоптичка слика, најсигурна стратегија е да се планираат активности на отворено во периодите кога има најмногу сонце и да се избегнуваат високите планини доколку прогнозата покаже засилување на врнежите. За оние што ќе патуваат кон Јадранот, Албанија или Црна Гора, ситуацијата е сосема поинаква. Таму се очекува многу понестабилно време, па патувањето треба добро да се испланира и задолжително да се следат предупредувањата за невреме.

ЛЕТОТО СИ ОДИ, ДОАЃА ЕСЕНТА

Иако 11 октомври нема да донесе вистинска студена зима, празничниот викенд ќе биде јасен сигнал дека летото конечно завршува. Деновите со 27, 28 или 30 Целзиусови степени веќе ќе останат зад нас. На почетокот на следната седмица, по празникот, може да има и повеќе сонце и температури над 20 степени, но тоа нема да биде враќање на летото. Имено, во средината на октомври се очекува ново заладување. Со него ќе пристигнат почести дождови, значителен пад на температурите, а на највисоките планини не е исклучена и појава на снег. Н.М.