Зајакнувањето на соработката меѓу Македонија и Австрија во енергетскиот сектор беше во фокусот на посетата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Виена, каде што учествува во меѓународната програма „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.
Во рамки на посетата, Божиновска остварила работна средба со генералниот секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија, Северин Грубер.
На средбата биле разгледани билатералните и економските односи меѓу двете земји, актуелните прашања во енергетиката, процесот на енергетска транзиција, како и можностите за продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот сектор.
Како дел од програмата во Виена, министерката учествувала и на сесија посветена на оперативното управување со кризи.
Божиновска остварила и работен ручек со директорот на Дипломатската академија на Виена, амбасадорот Мартин Ајхтингер, на кој било разговарано за лидерството, јавната служба и значењето на меѓународната размена на искуства.
Во продолжение на престојот, министерката ќе има обраќање пред студентите на Дипломатската академија на Виена, каде што ќе одржи предавање посветено на енергетската транзиција и состојбите во македонскиот енергетски сектор.
Пред студентите ќе бидат презентирани процесите за развој на обновливите извори на енергија, модернизацијата на енергетската инфраструктура, енергетската сигурност и регионалното енергетско поврзување.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оценуваат дека учеството во меѓународната програма отвора простор за воспоставување нови партнерства и продлабочување на меѓународната размена на искуства.
Посетата во Виена, како што посочуваат од Министерството, е насочена кон унапредување на соработката со Австрија и размена на практики во области од значење за идниот развој и модернизацијата на енергетскиот сектор.































