Осум ученички од основно училиште во истанбулскиот округ Башакшехир се повредени и пренесени во болница откако утрово биле нападнати со нож од 15-годишна ученичка од друго училиште, јави турскиот весник „Биргүн“.
Турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу соопшти дека три од повредените ученички се во тешка состојба.
Според истанбулското гувернерство, нападот се случил нешто пред 09:00 часот по локално време, во основно училиште од типот „имам хатип“. По инцидентот, повредените ученички биле пренесени во болница, додека останатите ученици го напуштиле училиштето, а наставата била прекината.
Осомничената ученичка има 15 години и посетува средно училиште во истанбулскиот округ Кучукчекмеџе.
Мотивот за нападот засега не е утврден. Локалните власти не ја исклучуваат можноста да станува збор за расправија меѓу млади, но официјалната истрага е во тек.
Турскиот медиумски регулатор РТУК соопшти дека до завршувањето на истрагата е воведена забрана за објавување новинарски материјали поврзани со случајот.
Инцидентот се случува во период на засилени безбедносни мерки во турските училишта по неколку случаи на насилство во образовни институции.
Кон крајот на септември, наставник беше убиен во дворот на средно училиште во округот Османије, откако во него пукал неговиот внук. Неколку дена претходно, 15-годишен ученик отвори оган пред стручно-техничко училиште во Тургутлу, во округот Маниса, при што беа повредени 11 лица.
Во април годинава, 14-годишен ученик отвори оган во две училници во училиште во Кахраманмараш, при што загинаа десет ученици и наставници, а 13 лица беа повредени. Напаѓачот беше застрелан од полицијата.
Само еден ден претходно, 16 лица, од кои повеќето ученици, беа повредени во напад со огнено оружје во гимназија во округот Шанлиурфа. Напаѓачот подоцна изврши самоубиство.
































