ШАХ – OKТOМВРИСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
- На македонската листа и понатаму на врвот се ВМ Евгени Романов и ЖФМ Моника Стојковска
Рејтинг-листата за октомври 2026 година главно е обликувана од неодамна завршената 46. Шаховска олимпијада (ШО), која донесе значајни промени во првите десет на двете листи. Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов се врати меѓу најдобрите петмина по тримесечно отсуство, благодарение на својот брилијантен настап на ШО 2026 во Самарканд, каде што освои поединечно злато на првата табла. Тој го израмни и својот највисок рејтинг во кариерата од 2.780 поени. Зу Џинер од Кина ја врати втората позиција на листата за шахистки. Веднаш зад првите 10 во отворената и во женската категорија се Јагиз Кан Ердогмуш од Турција, односно Алис Ли од САД, кои продолжуваат со својот брз напредок на ранг-листата и првпат се меѓу најдобрите 20 во светот. Тие се и водечки на јуниорската ранг-листа. Англичанката Бодана Сиванандан стана најмладиот женски велемајстор (ВМ) во историјата со 11 години, благодарение на настапот на ШО 2026. Узбекистанецот Нодирбек Јакубоев блесна на ШО и првпат ја надмина границата од 2.700 (26. место), пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Норвешкиот ВМ Магнус Карлсен продолжува со своето владеење во класичниот (2.823), забрзаниот (2.801) и во брзиот шах (2.860). Актуелниот светски првак, Индиецот Домарају Гукеш (2.710), напредуваше четири места и сега е на 28-то место. Кај шахистките и понатаму прва е ВМ од Кина Јифан Хоу во класичниот (2.596), забрзаниот (2.529) и во брзиот шах (2.521).
На македонската листа, неприкосновен е ВМ Евгени Романов (2.560), втор е ВМ Трајко Недев (2.457), на третата позиција е најновиот ИМ Антон Златков (2.432), на четвртото место е ИМ Филип Панчевски (2.432), а на петтото место е ИМ Емил Ристески (2.431). Кај шахистките и понатаму прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.074), од 4. на 2. место се искачи ЖФМ Моника Жежовска (2.053), а од втората позиција на третата падна ЖФМ Весна Секуловска (2.052) итн. Македонија (мажи) се искачи за едно место и сега е 54-та (2.426), додека Македонија (жени) падна едно место и сега е 65-та (1.957) меѓу 206 држави. Во врвот на двете листи нема измени, први се САД (2.723), пред Индија (2.704) и Кина (2.663), а и кај жените Кина (2.488), пред Индија (2.431) и Украина (2.387). Г.И.
































