Фото: Маја Јаневска-Илиева

АТЛЕТИКА

  • Ланскиот победник, најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски, го освои третото место

Кенискиот атлетски маратонец Дерик Чеге Нјороге е победник на вчерашното 22. издание на традиционалниот „Визер Скопски маратон 2026“, на кој настапија над 800 натпреварувачи. Тој ја истрча патеката долга 42,195 км низ улиците на Скопје за 2 часа, 12 минути и 56 секунди. Неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи беше втор (2:13,21 часа), а третото место му припадна на најдобриот македонски маратонец и лански победник Дарио Ивановски (2:13,49 часа).
Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот, а победи Долфин Кемунто Нјагака (2:32,05 часа). Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои (2:39,39 часа), а трета Естер Чесанг Какури (2:40,18).
Кенијците целосно доминираа и на полумаратонот (21 км) и во двете конкуренции. Кај мажите, каде што настапија повеќе од 3.000 тркачи, прв низ целта помина Кенеди Роно (1:05,27 час), пред Киптум Кимаијо (1:06,12) и Џон Куриа (1:07,00), а кај жените триумфира Валентајн Џебет (1:13,16), пред Чарен Чепквони (1:15,10) и Нанси Гитаига (1:17,25).
На машката трка на пет километри најбрзи беа македонските атлетичари Андреј Арсов (16,29 минути) и Гилман Јонузи (16,35), а трет е Швеѓанецот Фредрик Ухрборн (16,44). На трката за жени на првите две места се пласираа Ирма Хајдари (19,43) и Емили Ивановска (20,54) од Македонија, а трета е Лана Ивковиќ (21,01) од Црна Гора.
Скопје вчера целосно пулсираше во ритамот на 22. „Визер Скопски маратон 2026“, кој годинава обедини рекордни повеќе од 15.000 учесници од 63 земји од целиот свет. Се трчаа вкупно четири трки, маратон, полумаратон, трка на пет км и штафетна трка „ЕУ фор спорт“. Почетокот на маратонот го означи министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, испраќајќи порака дека спортот ги поврзува луѓето, ги надминува границите и создава позитивна енергија, која се пренесува низ целиот главен град.

– Скопскиот маратон е голем спортски настан што ги става Скопје и Македонија на светската спортска мапа. Илјадниците учесници од десетици земји испратија силна порака дека спортот обединува, мотивира и инспирира. Како Министерство за спорт, заедно со Владата, остануваме силен партнер на спортот и на настаните што го промовираат активниот и здрав начин на живот и ја афирмираат нашата држава. Затоа и годинава стоиме зад Скопскиот маратон и ќе продолжиме да поддржуваме настани што носат спортска енергија, ги мотивираат граѓаните да бидат активни и го промовираат Скопје пред светот – истакна министерот за спорт.
Ристовски упати и честитки до сите учесници, организаторите, волонтерите и до сите што придонесуваат Скопскиот маратон да прерасне во препознатлив меѓународен спортски настан. Министерството за спорт останува посветено на поддршката на спортските настани што придонесуваат за развој на спортот, промоција на активниот живот и меѓународна афирмација на Македонија.
– За секој што денеска е на патеката, најважен е сопствениот предизвик. Трчајте со срце, уживајте во трката и бидете горди што сте дел од оваа голема спортска приказна – порача Ристовски пред почетокот на маратонот, пренесе Министерството за спорт. Г.И.