Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата од почетокот на својот мандат обезбедила околу половина милијарда евра од централниот буџет за проекти во локалната самоуправа и општините, пренесе МИА.
Мицкоски, кој денеска изврши увид во градежните активности на мостот на улицата „Љубљанска“, оцени дека станува збор за сериозна поддршка за општините и политика што Владата ја спроведува од почетокот на мандатот.
-Од почетокот кога беше оваа Влада избрана, пред околу 27 месеци, со околу половина милијарда евра финансираме проекти директно од централниот буџет. И ако земете наназад, можеби во 35 години независност толку многу проекти од централната Влада за локалната самоуправа и општините не биле финансирани досега – нагласи Мицкоски.
Тој оцени дека поддршката за општините ќе продолжи и во периодот што следи. Според него, голем дел од општините веќе подготвуваат проекти за следниот циклус што би го финансирала Владата.
-Голем дел од општините подготвуваат проекти за следниот циклус којшто би го финансирала Владата и ценам дека на тој начин ги подобруваме условите за живот на граѓаните, им го подобруваме начинот на живот – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека проблемите во општините се таложеле со години, а предизвиците се присутни со децении, но нивното надминување и решавање, како што рече, зависи од расположливите ресурси и утврдените приоритети.
Тој ја истакна стратегијата на Владата според која приоритет е да не се создаваат нови проблеми, туку да се решаваат постојните и да се завршуваат започнатите проекти.
Во тој контекст, Мицкоски се осврна и на капиталните проекти во Скопје, за кои рече дека треба да бидат завршени до Нова година.
-Би сакал да им честитам на градоначалниците коишто се тука со мене, да се заблагодарам на советниците коишто ја поддржуваат работата на советите, на пратениците коишто се борат за проект повеќе во општините од каде што доаѓаат – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во периодот што следи се очекуваат уште повеќе проекти кои ќе бидат финансирани од централниот буџет.
































