Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја оцени вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како исклучително пријателска, корисна и содржајна. Тој оцени дека средбата може да биде значајна за одредени процеси во периодот што следува, но истовремено рече дека не е задоволен од пораките во однос на уставните измени, пренесе МИА.

-Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.

Мицкоски ја обвини претходната коалиција предводена од СДСМ и ДУИ дека, како што рече, во отсуство на предлози за надминување на состојбата, се обидува „преку лаги и измислици“ да испраќа пораки дека актуелната Влада ќе ја промени преговарачката рамка.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со активностите, но нагласи дека за процесите се потребни време и трпение.

-Ова се процеси кога имате квислинзи коишто распродаваат и патриотска Влада којашто си ја сака државата, којашто треба да го врати тоа што квислинзите го распродале – рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на поранешните коалициски партнери, премиерот појасни дека мисли на СДСМ, додека за ДУИ рече дека „тоа не ги интересирало, ниту имале било какви чувства кога постигнувале било каков договор таму“.

Според Мицкоски, пораките од Фон дер Лајен сепак се охрабрувачки, особено нејзината оценка дека ангажманот на Владата и напредокот во реформите покажуваат добри резултати во споредба со земјите од регионот.

Тој ја посочи и постепената, односно градуалната интеграција како можност за Македонија и најави продолжување на реформските активности.

-Постепената или градуална интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова нè охрабрува и нè мотивира да продолжиме по патот на реформите во периодот којшто следи. Јас во ноември месец двапати имам закажано патување во Брисел, првиот кај еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, вториот е настан, оној регионален самит којшто го имаме со Европската Унија и Западен Балкан – истакна Мицкоски.

Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, Мицкоски рече дека доколку барањето биде одбиено, тоа, според него, повторно би ги потврдило тезите и загриженоста што ги изнесува Владата. Сепак, тој рече дека не очекува таков исход.

-Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму – рече Мицкоски.