Делегација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на Неделата на одржлива енергија на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), која се одржа во Палатата на нациите во Женева, пренесе МИА.
Во фокусот на настанот беа енергетската транзиција, енергетската безбедност, достапноста на енергијата и одржливиот развој.
Во рамки на настанот се одржаа состаноци на Групата експерти за енергетска ефикасност, Групата експерти за почисти електроенергетски системи и Групата експерти за обновлива енергија, како и 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија на УНЕЦЕ.
На 13-тата сесија на Групата експерти за обновлива енергија, во рамки на панел-дискусијата за искуствата во зголемувањето на користењето на обновливата енергија, Марко Минов од Секторот за обновливи извори на енергија го претстави напредокот во спроведувањето на регулаторната рамка од Законот за енергетика и новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори.
Како што беше истакнато, со овие регулативи се унапредува интеграцијата на енергетскиот пазар и се создаваат попредвидливи услови за развој и инвестиции во обновливите извори на енергија.
Меѓу клучните реформи биле опфатени прекуграничната распределба на капацитетите, балансирањето, оперативната сигурност, гаранциите за потекло, активните потрошувачи, енергетските заедници и конкурентните механизми за поддршка на производството од обновливи извори.
Минов го истакнал и значителниот раст на капацитетите од обновливи извори во Македонија, особено кај фотонапонските електроцентрали. Тој ги претставил и Годишните планови за изградба на енергетски објекти како инструмент за предвидлив и координиран развој на енергетскиот сектор, систематско планирање на нови производни капацитети и развој на системи за складирање енергија.
Во рамки на дискусијата било нагласено дека зголемувањето на капацитетите од обновливи извори е само еден дел од енергетската транзиција. Следниот предизвик, како што било посочено, е електроенергетскиот систем да стане пофлексибилен и поотпорен и да може да интегрира сè поголеми количества варијабилни обновливи извори.
Посебно биле издвоени модернизацијата на мрежната инфраструктура, пазарните механизми и складирањето енергија како важни елементи за идниот развој на енергетскиот систем.
На 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија на УНЕЦЕ, насловена „Зајакнување на енергетската безбедност, достапноста и одржливоста во неизвесен свет“, била одржана и дискусија на високо ниво посветена на приоритетите, предизвиците и можностите за унапредување на овие три области.
Во рамки на сесијата, Елена Ивановска, кабинетски службеник задолжен за следење на стратешките приоритети на Владата, која воедно претседавала со сесијата „Системски решенија за зајакнување на енергетската безбедност, достапноста и одржливоста“, се обратила во име на Македонија.
Таа ги претставила приоритетите на земјата и активностите за унапредување на сигурноста, достапноста и одржливоста на енергетскиот систем.
Ивановска истакнала дека трите цели се тесно поврзани и дека забрзувањето на развојот на обновливите извори, намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија и обезбедувањето сигурно снабдување бараат модерна, отпорна и регионално поврзана електроенергетска мрежа.
Посебен акцент бил ставен на потребата развојот на мрежната инфраструктура да го следи брзиот раст на обновливите извори.
Според презентираните податоци, учеството на обновливите извори во инсталираниот производен капацитет во Македонија пораснало од околу 38 проценти во 2021 година на околу 58 проценти во 2025 година, со повеќе од 1.750 мегавати инсталирани капацитети од обновливи извори.
Брзиот развој на сончевата енергија носи и нови барања за преносниот систем, особено поради децентрализираното и варијабилно производство, двонасочните текови на електрична енергија и потребата од балансирање на системот.
Ивановска ја нагласила и потребата од значителни инвестиции во преносната мрежа, унапредување на регионалната соработка и развој на механизми за флексибилност, батериски системи за складирање енергија и управување со потрошувачката.
На настанот учествувале Елена Ивановска, Билјана Матевска, Марко Минов, Сара Кочева, Ангела Алексова, Ненад Стојковски и Љубица Трајковска Лешоска.
Од Министерството оценуваат дека учеството претставувало можност за размена на искуства со земјите членки на УНЕЦЕ, меѓународни организации и експерти од енергетскиот сектор, особено во делот на забрзувањето на енергетската транзиција и создавањето пофлексибилни, сигурни и одржливи енергетски системи.
Воедно, на настанот биле претставени реформите и искуствата на Македонија во енергетскиот сектор.
Министерството наведува дека државата останува посветена на сигурна, достапна и одржлива енергетска транзиција, со фокус на зголемување на производството од обновливи извори, модернизација и проширување на мрежната инфраструктура, развој на складирањето енергија, унапредување на пазарната интеграција и создавање предвидлива регулаторна рамка за нови инвестиции.
Од Министерството порачуваат дека развојот на обновливите извори треба да биде проследен со инвестиции во мрежата, флексибилност, складирање, регионална поврзаност и институционален капацитет, со цел создавање енергетски систем кој ќе биде сигурен, отпорен и одржлив.
































