Пред 31 година, на 3 октомври 1995 година, беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа нападот со тешки повреди на главата.
Во атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски. Како последица на повредите подоцна почина и случајниот минувач Христо Христоманов, додека беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Истрагата утврдила дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но никогаш не беше откриено кој стоел зад нападот. Истражната постапка против непознат сторител и натаму е отворена.
Атентатот бил извршен во 9.50 часот на улицата „Македонија“ во Скопје, пред хотелот „Бристол“, додека Глигоров со службеното возило патувал од својата резиденција кон Собранието.
Нападот бил извршен со автомобил-бомба. Во автомобил „Ситроен Ами 8“ биле поставени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач во моментот кога возилото на Глигоров се движело кон зградата на Собранието.
Непосредно пред експлозијата, службеното возило на претседателот било забавено од автомобил „фиќо“.
Во рамки на истрагата биле претресени 30.850 возила, биле прегледани повеќе од 15.000 објекти, а биле легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои околу 19.000 биле претресени.
МВР спровело и повеќе информативни разговори со лица за кои постоеле сомневања дека би можеле да бидат поврзани со атентатот. Сите тие биле ослободени по испрашувањето.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст.


































