Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје деновиве беше промовирана книгата на Јованка Кепеска, „Македонски идентитетски прашања“, која неодамна ја објави „Македоника литера“. Во овој труд Кепеска на македонскиот идентитет му пристапува од историски, филозофски, социолошки, културолошки и филолошки аспект. Таа ги предочува темелните аспекти на идентитетот на македонскиот народ, ги посочува теоретските основи, реалните историски процеси, актуелните национални и геополитички состојби и процеси и влијанија, проблемите со несоодветните термини во идентитетските определби и потребата од општествената грижа за зачувување и афирмација на идентитетските обележја на македонскиот народ. Кепеска пишува и за некои разлики во приодите кон македонските идентитетски прашања од аспект на филологијата, историјата, етнологијата и филозофијата.
Книгата е поделена на пет поглавја: Политичкиот идентитет на македонскиот народ, Македонската култура како идентитет, Македонскиот литературен јазик како идентитет на македонскиот народ, Општествениот развој како претпоставка за македонската идентификација и Аспекти од светскиот развој поврзани со нас. Во предговорната белешка Кепеска пишува: „На овие страници ги пренесувам сознанијата од моите теориски и практични истражувања во социјалната теорија на идентитетските прашања на народите и на македонскиот народ. Досега објавив повеќе книги со ваква проблематика, приопштив прилози на научни собири, а се огласив и во јавните гласила. Во овој специфичен историски момент од развојот на македонскиот народ и на неговата идентитетска одбрана, со претставувањето на постигнатите сознанија, оваа книга се вклучува во напорите за надминување на дилемите за мноштвото прашања и приоди во неговата идентитетска одбрана, што, со оглед на мојата животна вокација, го сметам како должност и како моја внатрешна потреба.“
„Македонскиот идентитет го осознаваме, осознавајќи се себеси“, пишува Кепеска во книгата, „преку сите општествено-хуманистички, но и преку природните и техничките науки, преку сите облици на уметноста (книжевност, ликовна уметност, музика), како и преку моралот и религијата. Според науката, ги осознаваме нашата посебност како народ, нашето создавање, развојот, јазикот, народните обележја, менталитетот, моралните и духовните вредности. Идентификацијата на македонскиот народ се одвивала континуирано, од самиот период на своето формирање, во периодите кога македонскиот народ се наоѓа во преднационално раздобје, искажувајќи ја својата посебност преку народното творештво. Круме Кепески ќе рече дека тоа е период кога сме имале литература, иако не сме имале литературен јазик.“
Јованка Кепеска својот научен интерес го сосредоточува на повеќе филозофски и социолошки теми од современиот демократски развој на светот и македонското општество. Авторка е на осум книги.