Петнаесеттата „Европска ноќ на литературата“ се одржа во Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Нетипичните места за литература во Софија станаа „читателски гнезда“ во кои различни познати лица читаа извадоци од современи европски книжевни дела. Можеа да се слушнат извадоци од преведени книги од Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Холандија, Обединетото Кралство, Полска, Македонија, Словенија, Украина, Унгарија, Финска, Швајцарија, Шведска и Чешка.
Македонското читателско гнездо и оваа година беше во клубот „Паве“. Ѓорѓи Георгиев-Антика и Игор Дамјанов читаа извадок од книгата „Снегот во Казабланка“ од македонската писателка Кица Колбе, која излезе од печат оваа година од бугарската издавачка куќа „Изида“, во превод на Маријан Петров. Книгата ја освои најпрестижната македонска награда за литература, „Роман на годината“. Делото има јасно изразена поетска, симболична и алегориска природа. Тоа е повеќеслојна приказна што испитува некои клучни теми од културниот дијалог меѓу Западна Европа и „варварскиот“ Балкан.
Кица Колбе од 1986 година живее во Германија. Таму се посветува на литературата. Нејзиното деби беше со „Егејци“, современ текст за траумата и егзилот. Некои литературни критичари го сметаат за еден од првите примери на „женско пишување“ во нејзината татковина. Нејзиниот роман „Жените Гаврилови“ беше номиниран за наградата „Балканика“.
































