Фото: Маја Јаневска-Илиева

По доаѓањето на Урсула фон дер Лајен во главниот град на Македонија

Најголемата слабост на европската политика кон Западен Балкан не е недостигот од инструменти. Инструменти има многу. Има т.н. План за раст (Growth Plan). Има Берлински процес. Има Заеднички регионален пазар (Common Regional Market). Има единствен европски пазар. Има секторска интеграција. Има финансиски механизми. Има преговори. Има скрининг. Има услови. Има реформи. Она што недостига е една недвосмислена политичка синтеза.
Ако членството е целта, тогаш економската интеграција треба да биде скалило кон него, а не негов политички еквивалент. Ако Европа сака долгорочна „асоцирана зона на Западен Балкан“, тогаш треба отворено да го каже тоа и да не се повикува постојано на ветувањето од Солун. Ако, пак, ги сака и двете, односно и постепен пазарен пристап и конечно членство, тогаш мора да создаде механизам во кој мерливиот напредок кон единствениот пазар ќе има јасна, проверлива и политички кредибилна врска со полноправното членство. Во спротивно, Европа ќе продолжи да свири две различни мелодии. Берлин ќе зборува за ветување. Брисел за интеграција. Едни за едно, други за друго… Но, без разлика на сѐ, веќе е сигурно дека таквата какофонија е најголемиот ризик за кредибилитетот на Унијата, која се спушта надолу скалило по скалило.
А Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, ќе продолжи да стои пред европската врата со европски растегливи правила, со европски менливи стандарди, европски непредвидлив пазар и без одговор на најважното прашање: Кога економското „речиси“ конечно станува политичко „да“?
Да не се разбереме погрешно. Не затоа што европскиот пазар е безвреден. Туку затоа што пазарот не може трајно да ја замени политичката перспектива што Европа еднаш ја вети. Ако го направи тоа, тогаш „постепената интеграција“ престанува да биде мост кон Европа и може да стане, намерно или ненамерно, начин Европа да си ја олесни совеста без да ја реши сопствената дилема! Затоа претседателката на европската влада е тука, во регионов на Западен Балкан и во Македонија. Н.М.


ЕУ-дисхармонија на дланка: едни ветуваат членство, други нудат заеднички пазар…

Берлин и Виена зборуваат за политичка Европа. Брисел сè повеќе нуди економска Европа. Помеѓу двете визии во очекување стои Западен Балкан, со две децении стари ветувања, нови „постепени интеграции“ и сè помалку јасен одговор на едно едноставно прашање: Кога реално ќе станеме дел од ЕУ?

Во Будва, Црна Гора, се случи нешто што на прв поглед личи на уште една дипломатска епизода од бескрајната сага за европската интеграција на Западен Балкан. Но, под површината на протоколот и дипломатскиот речник, всушност се слушна една многу посериозна европска дисхармонија.

Една страна, втора страна, трета страна на ЕУ… целосна какофонија во Унијата

Од една страна, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул зборува за ЧЛЕНСТВО, за кредибилитет и за геополитичкото влијание на ЕУ. Германското Министерство за надворешни работи експлицитно го опишува проширувањето на Западен Балкан како „тест“ за Европа и предупредува дека само кредибилна перспектива за членство може да обезбеди долгорочно европско влијание во регионот.
Од друга страна, Европската комисија (ЕК) се обидува да протне една сосема поинаква архитектура за ЕУ со нејзиниот нов став „…не мора прво да бидете членки за да добиете дел од придобивките на членството“. Имено, „добивајте пристап до делови од единствениот пазар, приклучувајте се сектор по сектор, усогласувајте ги правилата, користете ги европските програми, а полноправното членство нека остане крајна точка, условена од реформи, политички одлуки и согласност на сите“.
На хартија, овие две политики можат да коегзистираат. Во политичката реалност, тие произведуваат нешто многу понезгодно. Тоа е Европа што зборува со два гласа!

1. Во Солун во 2003 година имаше ветување со незастарен рок на траење

За да се разберат денешните европски небулози, би требало да потсетиме и да се вратиме во 2003 година. Имено, на самитот ЕУ–Западен Балкан во Солун беше потврдена европската перспектива на регионот. Европската документација од тоа време ја формулира перспективата без многу дипломатски украси. Децидно, утврдениот став беше: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, а подготовката на земјите од регионот за интеграција во европските структури е приоритет на Унијата!
– Солун не беше ветување дека сите шест земји автоматски ќе станат членки, без услови и без реформи. Но беше ветување за политичка перспектива. И токму тука е суштината. Европската перспектива не значи само трговија. Не значи само фондови. Не значи само зелени коридори, дигитални услуги, роаминг или полесни плаќања. Членството значи нешто многу поголемо: политичка припадност! И тука се судираат двете европски визии – вели еден наш соговорник, политички аналитичар и поранешен амбасадор.

2. Од Будва германскиот министер за надворешни работи Вадефул порача: Европа мора да го одржи зборот!

– Германската позиција е релативно јасна. Таа беше јасно кажана во Будва. Министерот Вадефул не го претставува проширувањето само како административен процес. Тој го поставува како прашање на европската геополитика. Неговата порака е дека ЕУ не може истовремено да тврди дека Западен Балкан е европски и стратешки важен, а потоа со години да остава земји во чекалницата. Германското Министерство за надворешни работи експлицитно го поврзува проширувањето со европската безбедност, влијание и способност за дејствување. Истовремено, Вадефул инсистира дека земјите кандидати мора да ги исполнат критериумите, како што се владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал, регионално помирување. А некои од земјите кандидатки веќе го исполнија тој критериум. Тоа е важна нијанса. Берлин, барем во оваа формулација, не вели „Примете ги сите веднаш“, туку реалната одговорност сега ја префрла на Брисел со пораката: „Ако исполнуваат услови, не смееме политички да го блокираме патот што сме им го ветиле“. Тоа е суштинска разлика.

3. Сега Брисел нуди нешто друго: Членство без членство?!

Од друга страна, Брисел повторно создава една тешка какофонија на размислувања, мислења и позиции, при што со тоа повторно започнува „вториот европски јазик“. Европската комисија (ЕК) веќе не се ограничува на класичната формула „реформи – преговори – членство“. Таа гради систем на постепена интеграција.
– Планот за раст (Growth Plan) за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има експлицитна цел, а тоа е партнерите од Западен Балкан постепено да се интегрираат во единствениот пазар, уште пред полноправното членство. Европската комисија (ЕК) и Фон дер Лајен тоа го опишуваат како начин некои од придобивките на членството да се „донесат однапред“. Но тука доаѓаме до политичкиот проблем. Бидејќи постои фундаментална разлика меѓу „ќе станете членки, но постепено“ и „ќе добивате делови од членството, додека членството останува неодредено“. Од гледна точка на Брисел тоа може да биде рационален инструмент. Но од гледна точка на регионот може да изгледа како замена на политичката цел со економска компензација – вели нашиот соговорник, додавајќи дека ако од почетокот беше економска интеграција на големиот европски пазар во прашање, тогаш и сѐ ќе беше во ред и принципиелно, бидејќи и тоа воопшто не е мала работа за Западен Балкан, напротив.
Но вака, според нашиот соговорник, сето тоа изгледа како „еден горчлив залак за Балканот со вкус на измама“.

4. „Европски пазар“ – мост кон членството или утешна награда?

Нашиот соговорник, аналитичар и поранешен амбасадор, во врска со понудениот „европски пазар“ има интересно мислење, иако самиот високо го цени тој предлог.
– Европската комисија во своите документи не го претставува единствениот пазар како замена за членството. Имено, во документ од 2025 година ЕК експлицитно вели дека „постепената интеграција треба да ги подготви земјите за членство и да го олесни преминот кон статус на членка“. Во исто време, таа предвидува постепено вклучување во делови од единствениот пазар и европските политики. И австриската министерка Беате Мајнл-Рајзингер, една од поборниците на овој модел, го формулира тоа мошне јасно, како „секторска интеграција“. Според неа, не треба да биде алтернатива на членството, туку „систем на поттик за реформи“. Значи, ако се чита буквално, Брисел не вели „заборавете на членството“, туку „не чекајте членство за да почнете да ги добивате економските придобивки“- вели нашиот соговорник
Но политичкиот ризик на оваа конструкција е очигледен. Што ако преодната, привремена фаза стане трајна состојба? Токму за ова постои и една стара народна поговорка, која вели дека „секое привремено решение е – трајно“. Имено, што ако повторно „постепено“ стане новото „засега“? Што ако економската интеграција стане замена за политичкиот хоризонт? Тогаш моделот што требаше да биде мост може да се претвори во предворје без врата…

5. Австрискиот модел, скалило по скалило

Интересно е што постојат повеќе индикатори (изјави, јавни мислења, ставови) во кои Австрија се обидува да ја смири дисхармонијата. Иницијативата на Виена предвидува т.н. фазна интеграција. Имено, колку повеќе земјата исполнува конкретни услови толку повеќе делови од единствениот пазар ѝ се отвораат. Тоа значи: Реформа, па следува конкретна економска придобивка, па потоа доколку следува уште една успешна реформа, тогаш следува и уште еден дел од пазарот… Австриската министерка Мајнл-Рајзингер го опишува тоа како систем во кој напредокот во конкретна област треба да носи конкретен пристап до соодветниот сектор на единствениот пазар. Тогаш, за граѓанинот, европската интеграција конечно станува видлива. Не само „поглавје 23“. Не само „скрининг“. Не само „меѓувладина конференција“. Туку и поевтини трансакции; полесна трговија; интеграција во европски платежни системи; полесно движење; дигитални услуги; поврзување со европскиот енергетски и транспортен систем .итн. Европската комисија (ЕК) веќе наведува конкретни области во кои постепената интеграција напредува, и тоа од плаќања и телекомуникации до царина, енергија и индустриски производи.
Но проблемот, повторно, не е економски. Проблемот е ПО­ЛИ­ТИЧКИОТ ЕКВИВАЛЕНТ! Колку долго може да се живее со европскиот пазар без европското членство?
– Токму тука се гледа „раштиманоста“ на европскиот оркестар. Берлин вели: Европската перспектива мора да биде веродостојна. Брисел вели: Ајде прво постепено да го интегрираме регионот во единствениот пазар. Виена, пак, вели: Напредокот нека се наградува со постепен пристап до пазарот, но тоа не е замена за членството. Сите три позиции можат да бидат логични сами за себе. Но за земјите кандидатки, пораките се мешаат. Едната порака зборува за членство. Втората за интеграција пред членството. Третата за постепена интеграција како механизам што треба да води кон членство. И токму тука се раѓа европскиот парадокс со тоа што ЕУ сака да го има ефектот од проширувањето без нужно веднаш да ја преземе целата политичка обврска на проширувањето – вели нашиот соговорник, универзитетски професор на Правниот факултет во Скопје.

6. Единствениот пазар е реална придобивка, но не е исто што и Унијата

Нашиот соговорник, дипломат, аналитичар и поранешен амбасадор во Јужна Америка, има малку поинакво мислење.
– Треба да се биде фер и кон Брисел. Не е точно дека единствениот пазар е празна утеха. Единствениот пазар е една од најважните економски конструкции во Европа. За малите и средните економии од Западен Балкан, пристапот до неговите правила, стандарди и механизми може да значи реални економски придобивки. И самиот регион има огромен интерес од таквата интеграција. Европската комисија проценува дека економиите на Западен Балкан се на околу 35 проценти од просечното ниво на ЕУ и го претставува т.н. План за раст како инструмент за забрзување на конвергенцијата. Затоа критиката не треба да биде дека „пазарот не вреди ништо“. Напротив, пазарот вреди многу. Критичкото прашање би било дали пазарот е средство кон членство или станува политички супститут за членство. Тоа се две сосема различни работи – вели нашиот ценет соработник и соговорник, дипломат со исклучителни меки, дипломатски вештини.

7. „Перење на совеста“ – политичката опасност на оваа понудена „економска компензација“ за Западен Балкан

Во врска со феноменот „перење на бриселската совест од страна на бриселските актуелни елити“, нашите соговорници велат дека тука е најостриот дел од приказната.
– Ако една ЕУ веќе две децении повторува дека регионот има европска перспектива, а потоа наместо јасен политички напредок, нуди сè повеќе економски механизми, се создава ризик економските придобивки да послужат како компензација за политичкиот застој. Токму во тој контекст може да се разбере тезата дека „европскиот пазар“ станува форма на ПЕРЕЊЕ НА СОВЕСТА на Брисел. Не затоа што пазарот е фиктивен. Туку затоа што реалната економска придобивка може политички да се употреби за да се замагли нерешениот проблем за тоа зошто кандидатите сè уште не се членки? Тоа е многу посериозно прашање од тоа дали ќе имаат поевтин роаминг – малку иронично коментираат наши соговорници, универзитетски професори.
Но како и сите интелектуалци, тие ја опсервираат и другата страна на медалот.
– Се разбира дека секоја критика мора да има втор дел. ЕУ не е клуб во кој кандидатот влегува само затоа што долго чекал. Полноправното членство носи права, но и обврски, како што се владеење на правото, функционирање на институциите, усогласување со acquis, економска способност, политички критериуми и, на крајот, согласност на членките. И самата германска позиција го признава тоа. Министерот Вадефул, иако бара забрзување, истовремено нагласува дека земјите од Западен Балкан мора да продолжат со реформите. Затоа не може целата одговорност да се префрли на Брисел. Има европско одолжување. Но има и балканско одолжување. Има европски условувања. Но има и европски стандарди што не можат едноставно да се прескокнат. Има политички блокади од членки. Но има и домашни политички елити што за европската интеграција ги продаваат и својата историја и идентитет, како „трансформациски проект“ за Македонија!? Токму затоа спорот не е едноставна приказна за „добар Балкан“ и „лош Брисел“ – велат нашите соговорници.

9. Новата геополитика ја руши удобната европска бирократија

Светот во кој е создаден европскиот процес веќе не постои. Тоа е можеби најважната порака од министерот Вадефул. Берлин отворено ја поврзува европската интеграција на Западен Балкан со геополитичките преструктурирања.
– Бирократската логика на Брисел почнува да се судира со геополитичката. Брисел можеби може да каже: „Има критериуми“ (додуша растегливи), но затоа Вашингтон може да каже: „Има безбедносни интереси“. Потоа Москва може да каже: „Имам и јас интерес“. Кина може да каже: „Имам и јас големи проекти за просперитет на Западен Балкан“. А Брисел да си остане со: „Има уште едно поглавје за отворање“. Тоа е суштината на предупредувањето од Берлин. Не станува збор само за тоа дали шест балкански држави ќе влезат во ЕУ. Станува збор за тоа кој политички простор ќе го пополнува празнината ако ЕУ не го направи тоа – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера.
И самиот Берлински процес е доказ за европската амбиваленција.
– Започнат во 2014 година, тој требаше да го приближи Западен Балкан кон ЕУ преку регионална соработка, инфраструктура, економска интеграција, помирување и реформи. И има резултати. Европската страна наведува транспортни и енергетски проекти, дигитална инфраструктура и регионална економска соработка како конкретни достигнувања. Но токму успехот на Берлинскиот процес ја открива и неговата граница. Може ли регионалната интеграција да стане замена за европската интеграција? Не формално. Но политички, тоа е ризикот. Ако Западен Балкан стане функционален регионален пазар, со европски правила, европски фондови, европски стандарди и секторски пристап до европскиот пазар, но без перспектива што има политички рок и кредибилна патека, тогаш се создава нешто ново. Се разбира дека тоа не е членство и не е класично соседство, туку сива зона на европска интеграција – вели од друга страна еден политички аналитичар, експерт за прашања од областа на ЕУ.
Тој додава дека најопасниот збор е „постепено“.
– „Постепено“ звучи разумно. И најчесто е разумно. Но во европската политика „постепено“ има еден проблем. Таа не кажува кога завршува постепеноста. Ако секоја реформа носи нов секторски пристап, но нема автоматска врска меѓу економскиот напредок и политичкото членство, тогаш процесот може да продолжува речиси бесконечно. Тоа е причината зошто идејата на австрискиот модел, имено „секој конкретен реформски резултат да носи конкретна европска придобивка“, е навистина политички привлечна. Но останува едно суштинско прашање, за тоа кој го одредува последното скалило. И уште поважно, дали последното скалило навистина води во ЕУ или води до уште едно скалило – се прашува нашиот соговорник. Н.М.


Двете Европи

Деновиве германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул зборуваше недвосмислено и гласно во Будва за политичкото членство на Западен Балкан во ЕУ и за пропустите на Брисел што досега не го направил тоа. Од друга страна, претседателката на Европската комисија (ЕК) се обидува да наметне поинаква архитектура за ЕУ со „членство во единствен европски пазар“, образложувајќи дека „не мора да има политичко членство на земјите кандидатки за тие да добијат дел од придобивките на членството, со став „да се продолжи усогласување со европските правила, притоа да се користат европските програми, а полноправното членство нека остане крајна точка, условена од реформи, политички одлуки и согласност на сите“. Според повеќе наши соговорници, вчера се направи уште еден чекор во расветлувањето на фактот дека гледаме како се оформуваат две различни европски визии, Европа за која зборуваше германскиот министер Вадефул и онаа Европа за која одолжува Фон дер Лајен.
– Ова се две Европи за Западен Балкан од вчера, а можеби утре ќе има и нови… Прво, Европа на Вадефул во која Европската Унија е пред сè политичка заедница, геополитички простор, заедничка безбедносна архитектура, заедница на вредности и се разбира, конечно, заедничка политичка припадност. Во оваа логика, ПАЗАРОТ е инструмент, а ЧЛЕНСТВОТО е целта. А втората Европа, на Фон дер Лајен, е Европа на постепената интеграција во недоглед и ЕУ пред сè како растеглив систем на: правила; стандарди; економска „интеграција“; секторски политики; постепено отворање; условен пристап итн. Во оваа логика, членството е крајна фаза на долг процес, додека економската интеграција може да започне многу порано. Проблемот е што Европа сè уште нема убедлив одговор како тие две концепции ќе се спојат во една политичка стратегија. И можеби најнепријатната слика сега повторно излезе на виделина, а тоа е дека европските политичари се согласуваат дека „регионот е важен“ и се согласуваат дека „Русија и Кина не треба да го пополнат европскиот простор“… Натаму, Европејците се согласуваат дека економската интеграција е корисна. Тие се согласуваат дека реформите се неопходни, се согласуваат дека членството е условено… Но не постои ист степен на согласност за политичката конечна точка. И тука главната актерка е затоа – главна, за да го стави сето тоа во обланда.
Западен Балкан повторно станува публика што ги слуша и европската расправија и завршниот став на Фон дер Лајен. И сите, на свој начин, зборуваат за Европа. Само што очигледно е дека не зборуваат за истата Европа. Н.М.


Заедничкиот европски пазар во нова зона на неизвесност

Европскиот пазар повторно се соочува со стар проблем во ново пакување. Имено, инфлацијата се враќа, а со неа и неизвесноста околу идниот курс на европската економија.
Инфлацијата во еврозоната во септември достигна 3,8 отсто, највисоко ниво во последните три години, над очекувањата на пазарот. Новиот ценовен притисок главно доаѓа од енергијата, но ризикот е тој да се прелее и во другите сегменти на економијата. Поскапувањето на нафтата и природниот гас повторно ги зголемува трошоците за компаниите, транспортот и домаќинствата. Во некои од големите економии притисокот веќе е поизразен, додека базичната инфлација и цените на услугите остануваат на нивоа што не дозволуваат лесно олеснување на монетарната политика. За Европската централна банка ова е непријатен момент. Борбата против инфлацијата бара внимателна политика на каматни стапки, но повисоките камати истовремено го поскапуваат кредитот и го ограничуваат економскиот раст. Така, европската економија повторно се наоѓа меѓу две спротивставени сили, меѓу „потребата да се смири инфлацијата“ и „ризикот со тоа да се забави и онака кревкиот раст“.
На пазарите неизвесноста веќе станува важен фактор. Инвеститорите повторно мора да пресметуваат со повисоки трошоци на капитал, нестабилни енергетски цени и можноста монетарната политика да остане построга подолго од очекуваното. Најголемо прашање, освен за тоа колку ќе пораснат цените, станува и прашањето дали новиот енергетски шок ќе остане привремен или ќе се претвори во поширок и подолготраен инфлациски притисок за заедничкиот европски пазар, што, патем кажано, се нуди како алтернативен пат за интеграции за Западен Балкан. Европа влегува во период во кој просторот за погрешни економски потези станува сè помал, а за пазарите тоа значи поголем ризик и многу помала сигурност за сите што партиципираат на тој пазар… Н.М.