ВЛАТКО ТАСЕВСКИ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА РФМ
- Резултатите секогаш се важни, но во овој период уште поважно е да видиме каде сме, што треба да подобриме и да создадеме услови
репрезентацијата да расте низ силни натпревари, вели Тасевски
Зад нас е еден убав и содржаен ракометен викенд во Охрид. Во три дена, преку „Трофеј Македонија 2026“ и првиот Женски ракометен форум, се обидовме да направиме нешто повеќе од организација на уште еден турнир, изјави генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Влатко Тасевски, по завршувањето на женскиот меѓународен турнир „Трофеј Македонија 2026“ и првиот Женски ракометен форум во Охрид, пренесе РФМ.
На меѓународниот турнир, на кој настапија четири репрезентации, Македонија го освои второто место, што претставува успех.
– На „Трофеј Македонија 2026“ имавме можност да ги пречекаме репрезентациите на Србија, Хрватска и на Црна Гора и да одиграме квалитетни натпревари, кои се исклучително важни за нашата женска сениорска репрезентација. Резултатите секогаш се важни, но во овој период уште поважно е да видиме каде сме, што треба да подобриме и да создадеме услови репрезентацијата да расте низ силни натпревари – рече Тасевски.
Паралелно со турнирот во Охрид, првпат се организира и Женски ракометен форум.
– Особено ми е драго што на едно место успеавме да собереме големи имиња од регионалниот и европскиот ракомет, како Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ, и нивните искуства да ги доближиме до нашите ракометарки, а особено до помладите генерации. Разговорите беа искрени и отворени. Се зборуваше за успесите, но и за тешките моменти во кариерата, за притисокот, повредите, односот со тренерите, самодовербата и за сето она што една млада ракометарка ја очекува на патот доколку сака еден ден да игра на највисоко ниво. Токму тоа беше и нашата цел. Како РФМ сме свесни дека развојот на женскиот ракомет не може да се случи преку еден турнир или еден форум. Потребна е континуирана работа во клубовите, младинските категории и во репрезентациите, но и многу поголема промоција и внимание кон женскиот спорт. Овој викенд во Охрид беше еден чекор во таа насока. Продолжуваме понатаму. Идејата е ваквите настани да не останат исклучок, туку да станат дел од начинот на кој заеднички ќе го градиме и промовираме женскиот ракомет во Македонија – изјави Тасевски, пренесе Ракометната федерација на Македонија. Г.И.































