Грејната сезона за претстојната зима официјално започнува на 15 октомври 2026 година и ќе трае до 15 април 2027 година, информираат од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Сепак, од РКЕ појаснуваат дека радијаторите можат да се затоплат и порано — почнувајќи од 1 октомври, односно да останат топли најдоцна до 30 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем, снабдувачот е обврзан во периодот од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура од 20 степени Целзиусови (со можно отстапување од плус еден степен) во грејните простории.
Од Регулаторната комисија упатија апел до сите заедници на станари навреме да ги проверат внатрешните инсталации во објектите и да ги подмират евентуалните заостанати сметки за електрична енергија за топлинските потстаници, со цел старт на грејната сезона без неочекувани прекини и проблеми.
































