Во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп денеска се одржа средба и јазична работилница на лектори, членови на Здружението на лекторите на Република Македонија. Целта на средбата беше размена на искуства и информации за актуелните прашања и предизвици поврзани со лекторството, во контекст на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Отворајќи ја работилницата, лекторката и директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, Жанета Видевска, истакна дека стандардниот македонски јазик претставува основа на јасната, прецизната и професионалната комуникација во сите сфери на општеството.
– Правилната употреба на македонскиот јазик не е само прашање на почитување на јазичната норма, туку и показател на одговорност, професионалност и почит кон јазикот. Затоа институциите имаат значајна улога и треба да бидат пример за доследна употреба на македонскиот јазик – рече Видевска.
Претседателката на Здружението на лекторите на Република Македонија, Елизабета Бандиловска, нагласи дека развојот, унапредувањето и грижата за македонскиот јазик се од особено значење. Според неа, ваквите средби претставуваат можност за отворање важни прашања поврзани со македонскиот јазик, неговото унапредување и доследната примена на стандарднојазичната норма.

Во рамките на работилницата, лекторката Наташа Марковска говореше за употребата на дијалектизмите кај учениците во усната и во писмената комуникација на македонскиот стандарден јазик.
За употребата на англицизмите во усната и во писмената форма на македонскиот стандарден јазик говореше Александра Лазаревска, која се осврна на нивната застапеност и на предизвиците што ги отвораат во современата јазична практика.
Работилницата беше можност лекторите да разменат искуства, да ги разгледаат актуелните јазични прашања и да придонесат кон доследна и квалитетна примена на стандардниот македонски јазик.
































